Во недела на 26 мај, по 35 пат во Витолиште, во кругот на манастирскиот комплекс Свети Илија, ќе се одржат Мариовско-мегленски културни средби. На овие средби се негува фолклорното и културно наследство од двата региона, Мариово и Меглен. Организатори на оваа манифестација се Општина Прилеп и здружението Мариовско-мегленските културни средби.
И за годинешата манифестација е предвидена богата културно-уметничката програма која ја најави Стојан Ѓуровски, претседател на здружението Мариовско-мегленски средби.
„На 35-тите Мариовско мегленски средби кои ќе се одржат во недела на 26 мај, ќе настапат културно-уметнички друштва од Битола, Кавадарци и Прилеп, ученици од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, актерите на прилепскиот театар. Освен присуството на локалното население и големиот број на гости што ги очекуваме, годинава на манифестацијата учество ќе земат и преставници од Друштвото на писатели на Македонија, кои учествуваа на конкурсот за лични творби кој го распиша здружението Мариовско-мегленски културни средби. Како секоја година така и овaа имаме организирано и превоз за сите заинтересирани граѓани, во недела во 07.00 часот пред ЦК „Марко Цепенков“. Средбата ќе заврши со традиционален заеднички ручек“, изјави Ѓуровски.
Мариовско-мегленските културни средби имаат свој голем придонес во развојот на руралниот туризам и промовирањето на мариовскиот регион како потенцијал кој нуди чиста животна средина.