ВИДЕО: Јанески: ВМРО-ДПМНЕ намерно во фиока чувало 6.200 извршни и правосилни тужби и не ги пуштало на извршител, меѓу нив има и лекари, полицајци, бизнисмени

Во обид да извлечат ситни дневнополитички поени, изминативе денови општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ пласираше серија на лаги, невистини и клевети за моето работење и работата на ЈКП „Водовод и канализација“. Истакна на денешната прес конференција Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Ја разбираме желбата на ВМРО-ДПМНЕ, но вистината и фактите кажуваат нешто друго. Имено, груба лага и клевета е дека парите од претпријатието се трошат на расипнички начин преку репрезентација, адвокатски и нотарски услуги. Ако се иземат традиционалните трошоци воспоставени во време на ВМРО-ДПМНЕ, кои Водовод ги прави секоја година наназад, за Водици, рекламен материјал за Нова Година, Василица, 8 март, остануваат околу 40.000 денари потрошени за угостителски услуги во првото тромесечие за 2019 година.

 

Во овие 40.000 денари за кои опозицијата обвинува дека се трошат расипнички, се вклучени трошоците за обука и тренинзи на вработените од Водовод, за ракување со новонабавената техничка опрема, што секако оди во правец на подобрување на услугите кон граѓаните на општина Прилеп.

 

Во истата сума влагуваат и средства за деловни партнери и гости на ЈКП „Водовод и канализација“, како и оброк за вработените кои често пати остануваат до доцна во ноќта за отстранување на дефектите во водоводната и канализационата мрежа, значи повторно во насока на подобрување на услугите кон граѓаните и навремено санирање на сите дефекти.

 

Земајќи го сето ова во предвид, повеќе од јасно е дека обвинувањата на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп се смешни и пред се злонамерни, тенденциозни, заради што против лицата кои ги изнесоа ваквите невистини ќе поднесам тужба за клевета и навреда.

 

Инаку сакам само да дополнам дека имаше ревизија во ЈКП па ќе ви дадам споредба, заедно трошоците за репрезентација и угостителски услуги. Ревизијата утврди дека во 2011 година потрошени се 1.025.000 денари, за 2012 – 1.362.340 денари. За споредба, минатата година на име трошоци и репрезентација, на име трошоци и угостителски услуги беа потрошени 700.000 денари, што е двојно помалку од 2012 година, кога ВМРО-ДПМНЕ имаше власт во општина Прилеп.

 

Што се однесува за трошоците за нотарски и адвокатски услуги на ЈКП „Водовод и канализација“, потребно е да се истакне дека претходното раководство во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ намерно имало селективен пристап во тужењето и проследувањето на веќе добиените тужби до извршител. 6.200 извршни и правосилни тужби, кои што веќе почнуваат да застаруваат, а кои новиот менаџерски тим на Водовод ги наследи од претходното раководство, после многу опомени до граѓаните за подмирување на новите обврски кон Водовод, согласно закон, мораше и беа неселективно проследени до извршител.

 

Со намерно непроследување на тужбите до извршител и нивното чување во фиока, претходното раководство вршело класичен политички поткуп на граѓаните. Притоа сакам да истакнам дека не станувало збор само за граѓани од социјално ранливи категории, туку и доброситуирани наши сограѓани, со висок животен стандард, меѓу кои и лекари, полицајци, новинари, бизнисмени, кои долги години биле приврзаници на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Истовремено, претходното раководство на ЈКП „Водовод и канализација“ селективно не тужеше свои приврзаници, со што дозволи да застарат околи 150.000 евра побарувања на Водовод, или 10 милиони денари, за кој износ практично го имаат оштетено претпријатието. За оваа злоупотреба, до надлежните институции ЈКП „Водовод и канализација“ ќе поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување.

 

На крајот, граѓаните треба да знаат дека приходите остварени од навременото тужење и давање на извршител се повеќекратно поголеми во однос на направените услуги за нотарски услуги.

 

Сакам само да дополнам, дека во овој период ЈКП е финансиски стабилизирано, финансиски ликвидно и со огромни чекори оди напред во осовременување и техничко усовршување. Во минатиот период, за време на ова раководство беше набавен рентген, или геоскенер, во процедура сме за набавување на корелатор и геофон, а исто така и камера за откривање на девијации на канализационата мрежа, како и географски информатички систем. Само еден перформанс од географскиот информатички систем е подземниот катастар. Сето ова ќе биде заокружено до крајот на јули оваа година.

 

Се до 2016 навремено се тужени обврзниците кои не ги подмирувале обврските кон ЈКП, без оглед дали се работи за граѓани или правни лица. Од 2008 до 2016 се навремено доставувани тужбите и истите ЈКП ги има добиено. Замислете ситуација во која сте направиле трошок за тужење на граѓаните, не сте ги аминувале, но тужбите сте ги одлагале во фиока. 6.200 такви наталожени тужби ни беа оставени нас како ново раководство. Имате ли претстава колкав трошок е направен во тие години за тужење, а притоа не ги проследувате до извршител за да можете да си ги вратите трошоците за тужење, како и да си ги надмирите побарувањата по основ на неплатени сметки. Ако имате претстава дека наследивме 6.200 тужби и требаше да ги проследиме до извршител бидејќи почнаа да застаруваат, а Законот за нотаријат јасно кажува дека секоја тужба, пред да биде проследена на извршител мора да има печат за правосилност и извршност од нотар, јасно е дека трошоците се направени за тужби кои ова раководство ги наследи од претходното. Тука се работи за  професионална политичка перверзија. Ни оставаат 6.200 тужби кои намерно не ги спровеле до извршител, а потоа ве обвинуваат  дека ви се зголемени трошоците за нотарски услуги, бидејќи вие сте постапиле по закон. При што, кога  зборуваат за трошоците на адвокатски и нотарски услуги никогаш не ја гледаат приходната страна. Таа е 5-6 кратно зголемена  во однос на раководењето на ЈКП од претходната власт.

 

Повеќе пати  е зголемена во однос на трошоците што ги прави Водовод, не само што не губите средства, туку напротив не дозволувате да застарат. Со давањето на извршител вие ги наплаќате трошоците  што сте ги направиле, но и обврските кои граѓаните по основ на неплатени сметки ги имаат кон ЈКП. Затоа зборувам дека практично се работи за груба манипулација со граѓаните, за прес на ВМРО-ДПМНЕ заради ситни дневнополитички поени. Ви ги кажав разликите и во трошоците направени за репрезентација и угостителски услуги во време на владеење  на ВМРО-ДПМНЕ и во сегашно време. Ви кажав и прецизно точно колку се потрошени за угостителски услуги во првото тромесечие  за оваа година“, истакна Јанески.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien