ВИДЕО – „Bike tour Bosphorus“ беше огромно искуство, следна наша желба е со велосипед од Цирих до Прилеп

Филип Илиоски и Христијан Мојсоски од Прилеп, членови на здружението „Маркови точакџии“ успешно ја остварија својата мисија која што ја насловија како „Bike tour Bosphorus“ и за само 5 дена со велосипеди поминаа околу 850 километри од Прилеп до Истанбул. Односно станаа првите прилепчани кои за толку краток период поминаа од Европа во Азија на велосипед. Велат дека турата била тешка, но се заборавале сите маки откако се исполнил сонот.

 

 

„Не беше лесно, воопшто не беше лесно, имавме на моменти потешкотии од временските услови, силен ветар во гради. На некои места навигацијата не водеше на земјен пат, имаше доста кал, вода, бидејќи не смееме да возиме по автопат. Па се враќавме назад, на едно место дојдовме до река каде немаше мост, па моравме да кружиме да најдеме премин. Како најтешка делница можам да ја одделам втората од Серес до Кавала. Иако беше најкратка од сите ни зададе најмногу маки бидејќи имаше многу голема елевација. На некои места возевме само 8 км. на час, затоа што ветерот беше многу силен, но успеавме и покрај се“, рече Филип Илиоски, велосипедист од Прилеп.

 

„Тешко ни беше тоа што носевме 40 килограми додатна опрема на велосипедите, нашите велосипеди тежат по околу 12-тина кг. значи моравме да влечиме уште плус 50-тина кг. што е доста напорно како на угорница, така и на прав пат. Најмногу км. на час возевме 74, тоа беше на удолница“, додаде Христијан Мојсоски, велосипедист од Прилеп.

 

Првиот ден спијале во Грција, во местото Митроуси кај реката Струма, пред Серес. Вториот ден во Кавала, третиот Александрополис, четвртиот ден ја преминале грчко-турската граница и престојувале во турскиот град Текирдаг, а веќе петтиот ден биле на Босфорот.

 

„Спијавме во авто кампови и во шатори, а во Истанбул бевме во хотел. Немаше никаков проблем се беше како што испланиравме, турата помина во најдобар ред“, рече Мојсоски.

 

„Можам да издвојам една случка од 4-тиот ден кога стигнавме во Текирдаг. Немаше соодветно место каде да спијаме со шаторите и решивме да спијаме во авто камп. Баравме авто камп, но во Турција нема авто кампови кои работат толку доцна. Случајно наидовме на еден, ги поставивме шаторите, но за кратко време околу нас започнаа да се собираат агресивни кучиња, турски кангали, вртеа околу нас, не можевме да излезиме од шаторите, но заминаа и продолживме без проблем“, вели Илиоски.

 

Восхитени се од Истанбул како една светска метропола која ги спојува двата континенти Европа и Азија.

 

„Истанбул е огромен град, со многу сообраќај, од влезот на Истанбул до Босфорот има околу 33 км. кои ги возевме околу 2 часа. Тоа е многу гужва, хаос. Се ми се допадна во Истанбул, неможам да издвојам нешто посебно бидејќи целиот град е многу убав“, кажа Мојсоски.

 

Сега планираат идната година како здружение за прв пат да организираат и велосипедска тура во Прилеп. Нивната пак следна поголема дестинација кој ја планираат за на пролет е Цирих-Прилеп, дестинација долга околу 2.000 км.

 

„Планираме да организираме велосипедска тура идната година, а дестинација надвор од Македонија е Цирих-Прилеп. Тоа ќе биде следната пролет најверојатно. Но деталите не се разработени целосно. И двајцата ја сакаме Швајцарија и затоа го одбравме Цирих како дестинација“, потенцираше Мојсоски.

 

„Се уште немаме многу дефинирано, но ни се допадна оваа идеја бидејќи тука се Алпите, еден интересен предел со каков досега се немаме соочено. Дестинацијата е долга околу 2.000 км. и планираме да ја поминеме за околу 15 дена“, истакна Илиоски.

 

Инаку членовите на здружението „Маркови точакџии“ ги пречекаа своите другари со торта и медалји за нивната успешна завршена цел.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи