Eвропската Kомисија препорача старт на преговорите со Македонија

Република Северна Македонија доби безусловна препорака од Европската Комисија за започнување на преговори за членство во Европската Унија.

 

Во годишниот извештај на Комисијата стои дека Советот не ЕУ треба сега да отвори преговори со нашата земја за да се поддржи континуираниот реформски моментум, а Комисијата би применила засилен пристап за преговарачките поглавја за судството и темелните права, правдата, слободата и безбедноста во земјата.

 

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, пред Европскиот парламент нагласи дека Македонија претставува светол пример во регионот, нагласувајќи го Преспанскиот договор, но исто така дополни дека покажала и значаен напредок во реформските задачи поставени минатата година од страна на Советот на ЕУ.

 

„Двете земји покажаа одлични резултати во конкретните области што се анализираат и оценуваат во извештајот. Северна Македонија, не само што продолжи со амбициозната реформска агенда, туку постигна историски договор со Грција и во меѓувреме ги имплементираше неопходните промени во Уставот што беа договорени со Грција во насока на членството во НАТО. Тоа е пример како да се зацврстат билатералните односи и е сјаен пример и сведоштво за моќта и привлечноста на ЕУ. Време е Европската Унија да ги исполни своите ветувања, откако земјите кандидатки ги исполнуваат своите“, рече Хан.

 

„Владата презеде чекори да ги врати контролните механизми на институциите и да ја зацврсти демократијата и владеењето на правото. Земјата продолжи да поминува низ фундаментални промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера. Земјата продолжи да покажува видливи резултати во клучните сегменти идентификувани во Заклучоците на Советот, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформа во разузнавачките служби и јавната администрација. Културата на компромис во политичката клима е подобрена од владините напори да се консултираат сите чинители, во кои се вклучени и опозицијата и граѓанското општество на инклузивен и транспарентен начин“, стои во извештајот.

 

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини за време на прес-конференцијата по објавување на извештаите за напредок на земјите од западен Балкан рече дека преговорите треба да се отворат што е можно побргу.

 

„Нашата порака е јасна. Препораката која Комисијата ја дава е да се отворат преговори што е можно побрзо. Земјата е подготвена, тоа не значи дека утре ќе влезат во Европската Унија, туку дека може да го започнат процесот на пристапување“, рече таа.

 

Инаку Македонија од 2009 година постојано добива препораки, но датумот за почеток се уште го нема. Со оглед на тоа дека Франција, но и Холандија и Данска жестоко се противат на какво било проширување пред ЕУ да се реформира, останува да видиме каква ќе биде конечната одлука.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien