Заев не знаел колкава плата земале неговите советници

Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на собраниската седница го праша премиерот Зоран Заев, да објасни каде  ги запознал и поради што ги поставил за советници Александар Ружин, кој добива плата од  50.000 денари и Љупчо Зафировски, кој зема плата од 75.000 денари и како овие двајца советници ги оправдуваат своите високи плати.

 

Милошоски забележа и дека биографијата на Зафировски е комплетно празна, а Ружин, покрај тоа што е син на професорот Нано Ружин и има бизнис за продажба на автомобилски гуми и бандажи, нема ништо друго.

 

Премиерот Заев изјави дека советниците ги бира по потреба на државата и дека двајцата советници се поставени на местата затоа што  со своите претходни контакти и конекции можеле да ѝ помогнат на земјата во олеснувањето на комуникацијата и привлекувањето на странски инвестиции.

 

Заев, рече дека Ружин, своите студии ги завршил во Франција и имал добри контакти кои сега може да ги искористи.

 

„Александар Ружин е син на поранешниот амбасадот Нано Ружин. Се работи за личност, која се школува во Франција и има задача да помогне во соработката со Франција, работиме на неколку проекти, работиме на странските инвестиции, заедно со градоначалниците е вклучен во ТИРЗ зоната и во привлекувањето на други компании. Истовремено, конекциите што ги има, овозможуваат олеснување и на други постапки“, рече Заев.

 

Во врска со Зафировски, Заев рече дека не знаел колкав надоместок зема неговиот нов советник, но образложи дека тој поголемиот дел од неговото време го поминувал во Франција.

 

„Зафировски има има врски во дипломатскиот дел до кабинетот на Макрон и со Владата во Франција, која има малку информации за она што се случува тука. Некогаш се потребни повеќе информации за да го привлечеме кабинетот на Макрон на наша страна. Знаете дека Франција, Холандија и Данска имаа резерва за проширувањето на ЕУ. Неговиот ангажман е поголем затоа што поголем дел поминува во Франција, трошоците таму се поголеми и законот го дозволува тоа. Затоа е таа сума“, рече Заев.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien