Мијалков и Грујевски имале компјутери поврзани со системот за прислушување

Актуелниот помошник-директор на Петтата управа во МВР (за следење на комуникациите) Сашо Трајковски, кој во времето на обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски од „Тврдина-Таргет“ работел како главен инженер раководител, па како началник на сектор во управата, денес во судница изјави дека со неговите колеги гледале како ексдиректорот на УБК и поранешниот началник на петтата управа во УБК од нивните компјутери се логирале на системот за следење на комуникациите.

 

„Колку што ми е познато и директорот на УБК и началникот имаа компјутери кои беа поврзани на системот „Најс“. Исто така, имаше кориснички имиња кои можевме да ги видиме, а кои се логираа и под чија што ознака се гледаше дека се најавуваат од просторија од четврта зграда, прв кат и од трета зграда прв кат. Првата просторија е кабинетот на директорот, а втората е канцеларијата на началникот“, изјави Трајковски.

 

Во УБК се прислушувало незаконски, без судски налог.

 

„Во собата за маркирање лично сум видел дека маркирачите броевите што требаше да ги прислушуваат ги имаа запишано на листови. Судски налог за прислушување сум видел само еднаш“, додаде Трајковски.

 

Претходните двајца сведоци, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, беа свиркачите кои од 2008 година ги снимале разговорите на стотици прислушувани граѓани од страна на УБК, без судски налог. Костовски, по неколкумесечно исцрпно сведочење, го напушти судењето за „Тврдина-Таргет“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.