ВИДЕО – По 5-ти пат се одржа „Прилеп трча“, секоја четврток бројот на учесници е се поголем

По 5-ти пат овој четврток во Прилеп се организираше настанот насловен како „Прилеп Трча“, чија цел е промоција на трчањето како спорт. Идејата за настанот ја добил Михаел Ван Балан, од Белгија, кој веќе подолг период живее во Прилеп, а организацијата и поддршката е на ОК „Златоврв“ Прилеп. На почетокот овие активности се одвивале со мал број љубители на трчањето, но за само 5 недели може да се види дека низ улиците на Прилеп сега секој четврток трчаат по 50-тина спортисти како дел од настанот.

 

 

„Јас трчам веќе 15 години, кога се преселив во Прилеп немаше некоја култура за трчање тука, по улиците трчаа само малку луѓе. Еден ден дојдов на оваа идеја да се организира ваков настан. Вакви настани има повеќе во Белгија. Кога трчаме заедно во група е позабавно, побезбедно е и за нас и за автомобилите кои може веднаш да не забележат. Трчањето е наједноставниот спорт за кого ти требаат само патики, а за другите спортови треба да купиш многу опрема. Тука само облекуваш патики и трчаш. Кога ќе се вратиш дома си задоволен и среќен“, истакна Михаел Ван Балан, организатор на настанот.

 

Трчањето во Прилеп освен како спорт кој станува доста популарен, полека се наметнува и како одреден стил и начин на водење на здрав живот. Така што секој ден може низ прилепските улици да се видат голем број млади и но постари граѓани кои трчаат и спортуваат.

 

„Главната цел беше да се стекне некое знаење за трчањето во нашиот град, затоа што кога тренираме од нашиот клуб, па и оние кои не се наши членовиа трчаат низ Прилеп, имаме некои потсмевања, па што прават тие… Сакавме да ја подигнеме свеста кај граѓаните за спортот трчање. Како што тоа го прават велосипедистите, секоја среда Прилеп на точак, ние сме Прилеп трча. Се надеваме дека кај граѓаните ќе има се поголем интерес, засега интересот е супер и се зголемува со сосекј нареден настан. Иако еве и денес е малку врнежливо ние сме изненадени од бројката на оние кои учествуваат“, вели Мери Чкрипеска, ОК „Златоврв“ Прилеп.

 

„На почетокот бевме 10-тина 15 учесници, но потоа со тек на време брзо порасна, сега се одржува секој четврток, немаме направено прекин. За град како Прилеп заинтересираноста е доста добра. Ако стане во иднина некоја поголема група ќе треба и пософистицирана организиација. Можеби и ви успеало, јас не лимитирам ништо но оваа бројка засега е идеална“, кажа Иван Василески, учесник на „Прилеп трча“.

 

Секој четврток маршрутите на настанот „Прилеп Трча“ се различни. Се трча по 5 км. низ различни улици во градот. На настанот освен младите се почесто може да се заблежат и постари граѓани кои сакаат да бидат дел од трчањето.

 

„Мене ме радува што поттикнавме многу млади за трчањето. Досега сите тие сами различно трчаа, а сега градот барем ќе има можност да види дека сите заедно сме бројни. Многу ме радува што градов почнува да живнува и да се цени трчањето како спорт“, истакна Кирил Велкоски, учесник на „Прилеп трча“.

 

„Секој четврток трчаме на различна стаза, за да не видат прилепчани и да се приклучат на овој настан. Секој четврток се зголемува бројот на оние кои трчаат. Наредната недела има едно хуманитарно трчање, после тоа мислам дека наредните четвртоци уште повеќе ќе има натпреварувачи“, вели Миле Василески, учесник на „Прилеп трча“.

 

Организаторите најавуваат дека „Прилеп Трча“ ќе продолжи да се организира секој четврток до октомври кога се планирало воведување и некои новини.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи