Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи на Македонија бара укинување на матичните стоматолози и укинување на капитацијата. Според нив овој досегашен начин на функционирање на системот требало да се замени со тоа што државата ќе го зголеми буџетот за стоматолозите од сегашните 600 милиони денари на 1 милијарда и 400 милиони денари годишно. Од тие пари наместо досегашната, според нив, непрактична капитација, бараат секој стоматолошки тим да добива по 80.000 денари месечно за да ги покриел основните трошоци за една амбуланта.
„Значи ако се укине капитацијата ние сметаме дека пациентот ќе има право на избор каде да сака да пломбира заби, каде сака да си ехстрахира заби или каде сака да си прави други работи. Значи тој ќе биде ослободен од стегата на матичниот стоматолог да мора сите стоматолошки интервенции да ги прави во една ординација. Стоматолозите треба да постојат кога пациентот ќе има потреба да го услужат, а не да заработуваат колку услуги пружиле. Бидејќи ако во стопанството се бара квалитет, кај нас се бара квантитет“, изјави Жарко Ѓорѓиев, претседател на Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи на Македонија.
Стоматолозите обвинија и тоа дека ФЗОМ не сакал воопшто да преговара со Здружението туку само со Стоматолошката комора за која тие сметаат дека не ги брани нивните интереси и не била легитимен преговарач околу новите Договори. Се заканија дека ако државата не ги слушне нивните реакциии ќе превземеле радикални мерки.
„Доколку и понатаму не се спремни да седнат со наши претставници на иста маса, тогаш алтернативата е разговори на улица т.е. ќе се организираат протести, а воедно и судски ќе го оспориме договорот со Фондот како против законскии“, истакна Ѓорѓиев.
Од Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи на Македонија кое, вчера одржа Собрание во Прилеп, велат дека кај нив членуваат над 200 стоматолошки ординации од целата држава.