Советниците во Советот на општина Прилеп, денеска ја одржаа 28 седница на која расправаа по 14 точки од дневниот ред. Меѓу другото, советниците дадоа согласност за консолидираната сметка на ЈКП „Комуналец“ и ДООЕЛ „Терминал-Комуналец“ за 2018 година, како и за висината на цената за чистење на речните корита во градот и населените места и за изнајмување кафези и заловување на кучиња скитници од приватен имот.
Членовите на општинскиот ја определија висината на цената за паркирање на патнички моторни возила за време на одржувањето на „Пивофест“ и таа ќе изнесува 60 денари за еден ден, од кои 10 денари ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
Од исклучителна важност се усвоените измени и дополнувања на Програмата за изработка на урбанистички планови на територијата на општина Прилеп за 2019 година, со што за прв пат за триесетина населени места ќе бидат изработени Детални урбанистички планови.
„Советот на општина Прилеп донесе одлука цената за паркинг да изнесува 60 денари, од кои 50 денари ќе бидат за користење на паркинг просторот, а 10 денари ќе бидат наменети за хуманитарна активност. На следната седница, Советот ќе донесе одлука каде ќе ги насочи тие средства, поточно дали ќе бидат наменети за одредени семејства или пак за организации кои се занимаваат со хуманитарна активност. Исто така, Советот донесе одлука со која триесетина села на територијата на општина Прилеп ќе бидат урбанизирани, односно ќе добијат Детални урбанистички планови“, изјави Миле Талевски, претседател на Советот на општина Прилеп.
Прилепските советници дадоа „зелено светло“ за Предлог оперативната програма за организирање на зимската служба за сезоната 2019/2020, во која за прв се предвидува набавка на средства против мрзнење на тротоарите и плоштадите.