Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски денеска се извини на лицата и државите кои се нашле навредени во објавената „бомба“ за тендерот за набавка на радарски систем и најави тужби за голем број новинари и портали.
„До небо се извинувам на сите кои се нашле повредени во оваа верзија од разговорите, се извинувам и до Италија, ромската заедница, каде имам мал милион пријатели“, рече Рашковски, додавајќи дека не планира да поднесе оставка.
Рашковски објаснуваше дека одлуката за избор на италијанската компанија Леонардо како победник во тендерот, ја потпишал Живко Поповски, татко на актуелниот пратеник и поранешниот министер за надворешни работи Никола Поповски. Според Рашковски, некои лица од претходниот менаџмент на компанијата упорно сакале проектот да не успее, доведувајќи ги во опасност граѓаните и нивното право на безбедно небо. Затоа најави одговорност кон сите оние кои ги одолговлекувале роковите.
Рашковски најави и тужби за клевета против Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, како и против новинарите Горан Момировски, Љупчо Златев, Љупчо Палевски, Миленко Неделковски, Ирена Радовановиќ, Ваљон Беља и партијата Беса и против партијата Левица.
Арбитражна постапка, како што кажа Рашковски, ќе биде поднесена против порталите „Курир“, „Експрес“, „Инфомакс“ и „Лидер“.
Тој на денешната прес конференција убедуваше дека опозицијата, новинарите и медиумите кои ја објавија снимката за местење на тендер шират лажни вести.
„Жално е кога партија која 11 години беше на власт, не знае кои се ингеренциите на генерален секретар на Владата. Жално е заради тоа што компанијата М-НАВ е во целосна сопственост на Македонија. Ние слушнавме во бомбите со што се занимавал генералниот секретар за време на ВМРО-ДПМНЕ. Најверојатно со некои други документчиња. Во 2013 година, Собранието носи закон со кој се одобрува заемот за модернизирање на М-НАВ. Откако се потпишува договорот, се изготвува тендерска спецификација. Во законските одредби стои дека истиот се толкува и спроведува во согласност со англиските закони. Тоа значи дека сите обвинувања дека некој не го почитува македонското законодавство се доказ дека имаат елементарно непознавање на законските одредби“, рече Рашковски.
Договорот со италијанската фирма е склучен на 14 декември 2018 година, но постапката за изградба и инсталирање на овој систем се уште не започната. Рокот што си го дала самата Влада за реализација на проектот е октомври 2019 година.