На граничниот премин Табановце на влез од Република Србија се запленети 16,5 тони цигари, а на граничниот премин Богородица, на влез од Грција – 13 тони тутун во лист, наменети за нелегална продажба на македонскиот пазар, соопштуваат од Македонската царина.
„На граничниот премин Табановце, на ден 28 мај оваа година, во контрола на товарно моторно возило е утврдено дека истото содржи 1.000 пакети со нелегални цигари, со вкупна тежина од 15.000 килограми. Во секој пакет има спакувано по 50 штеки или вкупно 10 милиони парчиња цигари. На истиот граничен премин, на 24 мај годинава е откриено и комбе со 102 пакети со цигари, со тежина од околу 1.500 килограми или вкупно 1 милион парчиња цигари, од кинеските марки ASHIMA LUXORY SIZE и MARBLE DE LUXE“, соопштуваат од Царината.
„Цариниците на влез на граничниот премин Богородица, на 16 јуни оваа година, околу 18:00 часот, запленија товарно моторно возило во кое се откриени 130 пакети со 13.000 кг нето тежина, а бруто тежината е 14.300 со тутун во лист. Истото имало пријавено дека пренесува хартија за виткање тутун, но при направената проверка било утврдено дека возилото е натоварени со тутун во лист. Запленетиот тутун бил наменет за нелегална продажба како режан тутун на домашниот пазар“, информираат од Царината.
Доколку цигарите, односно тутунот се најдеа на домашниот пазар, со оглед дека станува збор за акцизни добра, државниот буџет би бил оштетен за околу 1 милион евра.
Против сторителите поднесени се соодветни кривични пријави. За вакво ктивично дело предвидена е затворска казна од 1 до 10 години.