Засега нема нови моменти во истрагата за случајот „Рекет“. Јавното обвинителство има сознанија и за други случаи на уцени но не може да изнесуваме детали. Ова за Дојче Веле го изјавува јавната обвинителката за организиран криминал, Вилма Рускоска.
„Имам сознанија за други случаи, но не можам да ви кажам за колку лица се работи. Тие лица дадоа изјава и сега бараме докази за да ги потврдиме исказите“, изјави Вилма Русковска утрово за Дојче веле.
Русковска потврди дека тие бизнисмени тврделе дека биле уценувани од истите лица кои се осомничени во „Рекет”, а во моментот се бараат докази за да се потврдат нивните искази.
За потсетување, во случајот за изнуда на пари 30. дневен притвор добија Бојан Јовановски познат како Боки 13 и бизнисменот Зоран Милевски познат како Кичеец. При претрес кај нив полицијата заплени брендирана и скапа облека, накит, очила, чанти, како и компјутери, оружје и муниција.
Исто така одземен беше и телефонот на специјалната обвинителка Катица Јанева, која истиот ден си поднесе одложена оставка, а замина и на боледување.