„Никој не е недопирлив“, рече специјалната обвинителката Фатиме Фетаи по проширувањето на истрагата за случајот „Рекет“ и на нејзината шефица Катица Јанева.
„Ова што се случува може да биде само добар показател дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара и дека работите конечно се придвижуваат во позитивна насока во државата и дека никој не е недопирлив“, порача Фатиме Фетаи пред денешното рочиште за случајот Монструм кој го презеде СЈО.
Таа смета дека евентуалната одговорност на Јанева не смее да ја оцрни и целата институција, но и да се заборави на борбата против криминалот.
„Евентуалната индивидуална кривична одговорност на еден од обвинителите во СЈО не смее да биде изговор и оправдување за да се заборави целокупниот криминал кој се направи изминативе години и ние да ја запреме нашата борба. Тимот на СЈО е во целост посветен на борбата за правда и ние продолжуваме со она што е наша работа- застапување на предмети во судница“, рече Фетаи.