Отворен едношалтерскиот граничен премин со Србија

Facebook
Twitter
Email
Print

Денеска започнува со работа концептот „One Stop Shop“ на граничниот премин Табановце – Прешево. Со него Македонија и Србија стартуваат заедничка гранично-царинска контрола при што во двете држави ќе се влегува и излегува со само едно запирање.

 

За излез од Македонија, пасошката контрола и царинската управа од денеска ќе се спроведуваат на српската страна од границата, а македонските полицајци и цариници ќе се преселат во објектот на српските колеги. За влез од Србија во Македонија, пак, ќе се користат објектите од македонска страна на границата.

 

Премиерот Зоран Заев рече дека проектот за заедничко управување со граничниот премин Табановце – Прешево, со едно застанување значително ќе придонесе кон развивањето на регионалната економска соработка.

 

„Според нашите проекции и анализи очекуваме дека со One-stop-shop и со дигитализацијата на царинските услуги, превозниците и извозниците ќе имаат заштеда од околу 8 милиони евра, извозот добива потенцијал да порасне за 4 проценти, надворешно-трговската размена може да порасне за околу 5 отсто, а бројот на туристи да се зголеми за 8 проценти “, рече Заев.

 

Српската премиерка Ана Брнабиќ вели дека ги разбира потребите на луѓето од двете држави да патуваат послободно, но додава дека и е јасно оти досега стопанството се соочуваше со големи трошоши и проблеми заради бавните, неефикасни и прекумерно административни гранични премини.

 

„Регионалната соработка е најважна. Најважна за нашата домашна економија, малите, средните претпријатија, семејните фирми, затоа што покрај европскиот пазар која за сите нас е пазар број еден, регионалниот пазар е пазар број два. Значи без вакви работи нема да има економски просперитет. Без економски просперитет нема да има подобар живот за граѓаните на нашиот регион“, рече Бранбиќ.

 

Вкупната надворешно-трговска размена меѓу двете земји минатата година надминала 1 милијарда евра, од кои 856 милиони евра се однесуваат на трговија со стоки, а 198 милиони евра остануваат на секторот услуги.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи