ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ набави околу 100 нови наслови од исто толку домашни и странски автори, во издание на „Матица македонска“, „Култура“, „Фениск“, „Бата Прес“, „Сакам книга“, од автори поединци, како и од донации од Универзитетската библиотека „Климент Охридски“.
„Секогаш внимаваме да бидат застапени сите жанрови. Најмногу набавуваме белетристика зашто е најбарана меѓу читачката публика. Освен тоа редовно набавуваме стручна литература, научни списанија, енциклопедии, речници, монографии, дневен и периодичен печат и други изданија, со цел да се задоволат потребите на читателите“, истакнува директорот Петар Петрески.
Од планираните годишно по околу 700.000 денари за нова литература и издавачка дејност, досега се вложени повеќе од половина во набавка на преку 1000 книги. Во Градската библиотека членуваат околу 5000 љубители на пишаниот збор, од сите возрасти. Членарината изнесува 200 денари, а два пати годишно, на патрониот празник и за време на месецот на книгата, има попуст од 50 отсто.