Две малолетни деца на возраст од 4 и 7 години вчера биле прнајдени заклучени во автомобил на паркинг во населбата Ново Лисиче во Скопје. Случајот во полицијата околу 22 часот го пријавиле минувачи кои ги забележале децата.
Полициските службеници интервенирале веднаш по пријавата и откако скршиле стакло, успеале да ги извадат децата од автомобилот, при што со возило на Итна медицинска помош децата веднаш биле префрлени во комплексот клики „Мајка Тереза”. Според соопштението од Детска клиника, децата се во добра здравствена состојба.
Според полицискиот извештај разговарано е со двајцата родители, кои што се разведени. Неофицијално, во тој момент децата биле на чување кај нивниот татко, кој ги оставил во автомобилот и заминал на прослава во црква за празникот Успение Богородица. Откако била пронајдена и мајката, таа била повикана и била присутна со двете деца додека траеле прегледите во Детската клиника.
Моментално двете деца, братчето 4 и сестричето на 7 годишна возраст, се сместени во згрижувачко семејство и социјалните служби ќе утврдуваат што точно се случило и дали на родителите ќе им биде одземено родителското право.