Се слушаат бомби за „Монструм“: Рибарот бил убиен бидејќи бил сведок

Facebook
Twitter
Email
Print

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи новото рочиште за судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, познато како предмет „Монструм” на СЈО. На денешното рочиште се слушнаат дел од прислушуваните материјали. Обвинителката Фатиме Фетаи објасни дека за овој предмет поседуваат 25 снимени разговори од бомбите и 1.330 пораки, како и други материјали.

 

Голем дел од снимките кои денеска се презентираат се направени ден или неколку дена после масакрот кај Смилковското Езеро.

 

Во голем дел од досега презентираните снимки се слушаат разговори помеѓу Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска со нивни соговорници. Во еден од разговорите, министерот Јанакиески на извесен Кире Бошков му открива дека децата крај езерото биле убиени со рафални истрели, а рибарот што се нашол таму е убиен бидејќи бил очевидец на убиствата.

 

Во разговор меѓу Јордан Камчев и Оливера Трајковска, Јордан го спомнува поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој му кажал дека уапсиле 26 лица, сите од Скопје, дека имало дебели докази и дека за некои од вмешаните во убиството знаеле дека се во Косово, а на Американците им рекле „вие ќе ни ги дадете или ние да си ги земеме“.
Камчев и објаснува на Трајковска дека извршителите биле млади, вахабисти, дека имало меѓу нив жени и дека рибарот, најстариот убиен во случајот бил застрелан со калашников од 30 метри.

 

Процесот продолжува со презентирање на уште снимки кои досега не беа познати за јавност, на што реагираа и семејствата на убиените, бидејќи и тие ги немале слушнато.

 

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

 

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи