Германскиот Бундестаг вечерва и официјално треба да даде зелено светло за почеток на преговорите со Европската Унија за Македонија и за Албанија. Како што објави „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, Македонија ќе добие „целосно зелено“ светло за почеток на преговорите, без дополнителни услови, додека Албанија доби серија на дополнителни услови кои треба да ги исполни.
Во одлуката за Македонија, Бундестагот бара од германската Сојузната влада во рамки на преговорите да обезбеди дека ќе се гарантира продолжување на реформите и дека земјава ќе мора да продолжи да вложува „значителни дополнителни напори“ за исполнување на критериумите за членство, особено во областите на владеењето на правото, вклучително и почитување на основните права и ефикасноста на Специјалното обвинителство со нова организациска поставеност, потоа во борбата против корупцијата, организираниот и финансискиот криминал и перењето на пари, како и зајакнување на институциите и промовирање на човековите права.
„Комисијата мора, покрај годишните извештаи, редовно да известува за спроведувањето на акциските планови за напредокот. Отворањето и затворањето на соодветните поглавја мора да зависат од напредокот во овие области“, се вели во документот, при што се нагласува дека Бундестагот го задржува своето општо право да изгради сопствен став, доколку заклучи дека не се исполнети условите за отворање на нови поглавја за преговарање.
Германските пратеници наведуваат дека земјава ќе треба целосно да ги исполни политичките и економските критериуми за членство и пред приемот да го прилагоди своето законодавство со европското и да се придржува кон одредбите на европската стабилност и кон критериумите на Договорот од Мастрихт, поради што на државата не треба и се даде датум за зачленување пред завршувањето на преговорите.