Со цел подобрување на условите за осудените лица во КУП Затвор Прилеп во периодот од 2017 до 2019 година реализирани се активности во рамки на повеќе проекти.
Од Управата за извршување санкции при Министерството за правда информираат дека во овој период асфалтирани се улиците до двете капии на затворот во должина од 110 метри и ширина од четири метри, поставени се 30 нови рефлектори и арматури, а завршено е и поплочувањето на подот на затворот со вкупна површина од 300 метри квадратни.
Изградени се летниковец и пешачки патеки од бекатон плочки со површина од 128 метри квадратни, магацински простор, реновирана е чајната кујна, занималните и канцелариите во затворот.
Од Управата за извршување санкции посочуваат дека во рамките на овие проекти изградени се и два пластеника за раноградинарски култури со димензии 24 по 4,5 метри, поставена е и нова канализациска линија со собирна шахта во должина од 50 метри, санитарни јазли и купатило, а набавени се и возила за потребите на установата.