Општина Прилеп подготви богата програма за одбележување на 78 годишнината од почетокот на антифашистичката револуција. Одбележувањето ќе трае до 15 октомври, а започна во неделата на 6 октомври, со одржување на Меѓународниот турнир на џудо клубот „СЕИШИН“ и Downhill купот „Топташ 2019“.
Покрај изведбата на театарската претстава „Глембаеви“, изложбата на Меѓународна ликовна колонија „Куманово“ 2018, крводарителската акција на Црвениот крст, промоцијата на книгата „Старите занаети во Прилеп“, мотокрос трката „Stormriders 2019“, авто слалом натпреварот „Прилеп 11.Октомври 2019“, традиционалниот импровизиран напад на градот и огнометот, како и повеќето други манифестации, Општина Прилеп, како што потенцираше градоначалникот Илија Јованоски, годинава посебен акцент стави на обновувањето на традицијата на организирање граѓански марш до Могилата на непобедените.
„Оваа година Општина Прилеп става посебен акцент на она што ќе се случува во петок, кога ќе биде положено свеќе на спомениците на Методија Андонов – Ченто и Кузман Јосифоски – Питу, после што ја обновуваме традицијата на организирање граѓански марш од меморијалниот музеј ’11.Октомври’, од Участакот, до Могилата на непобедените. Заедно со граѓаните, со многу здруженија, пријатели и почитувачи на борците и боречката организација, ќе го посетиме Паркот на револуцијата, каде ќе положиме цвеќе на Алејата на народните херои, споменикот ‘Жена борец’ и Могилата на непобедените, каде ќе има обраќање на претставници на локалната самоуправа, Владата и Сојузот на борци. Ја користам оваа прилика да ги повикам граѓаните да ни се приклучат на овој марш, со што ќе им оддадеме почит на борците кои ја оствариле оваа наша денешна слобода“, изјави градоначалникот Јованоски.
Во одбележувањето на празникот се вклучува и Градската библиотека „Борка Талески“ со двата настана: промоција на книгата „Старите занаети во Прилеп“ на авторот Моника Талеска и изложбата „Да ги зачуваме старите занаети во Прилепската чаршија“.
„Во книгата станува збор за се’ уште зачуваните живи стари занаети во прилепската чаршија, за оние современи ‘херои’ на Прилеп кои се обидуваат макотрпно, посветено и со љубов кон чаршијата и градот, во своите скромни работилници да ги одржуваат старите занаети кои што се продолжение и одлика на некогашните еснафи, поради кои што Прилеп го носи името на ‘еснафски град’. Со изложбата ‘Да ги чуваме старите занаети во Прилеп’, првиот проект добива мултикултурен пристап, бидејќи повторно во фокусот се прилепските занаетчии. Станува збор за 36 фотографии кои ги доловуваат старите занаети и се’ она што претставува конотација на дејноста која тие се обидуваат да ја одржат“, вели Талеска.
Што се однесува до останатите настани предвидени во Програмата, тука се фестивалот „Со Марко на улица“, изложбата на скулптура на Марјан Стојаноски и детскиот фестивал „Ѕвездички“.
„Преку фестивалот ‘Со Марко на улица’ кој ќе трае 2 дена, Општина Прилеп повторно прави промоција на културните работници од драмска, ликовна, музичка, издавачка дејност. Покажавме и досега дека е многу важно да ги негуваме нашите, прилепските културни работници и овој фестивал им е посветен ним и на нивната промоција“, напомена Јана Јанеска-Ристески од Општина Прилеп.
Кога станува збор за главната манифестација која ќе се одржи утревечер на 10.октомври, граѓаните повторно треба да очекуваат изненадување, слично на минатогодишното.