Акциите кои што ги прават прилепските партизани над Участакот, односно полициската станица, на затворот и на прекинот телефонско-телеграфската линија претставуваат само продолжение на револуционерниот од на Илинденците, како и на други борбени генерации кои се стремеле низ историјата да дојдат до слобода и независна држава. Не случајно Прилеп е Град – народен херој. Прилеп е Град – народен херој затоа што низ историјата дал голем број на жртви. Ова го потенцираше историчарот Рубин Белчески во краткото интервју кое го направивме со него по повод празникот 11 Октомври.
Г-дине Белчески зошто од сите градови во Македонија антифашистичкото востание започнува токму во Прилеп ?
Не случајно Прилеп е одбран за почеток на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Не само во овој период, Прилеп има една традиција од минатото, преку разните буни и востанија, Прилеп играл значителна улога. Меѓутоа, во овој момент ако кажеме дека од Прилеп потекнува еден Кузман Јосифоски Питу, еден Мирче Ацев, Вера Ацева и плејада на други борци, можеме да заклучиме дека токму Прилеп е тој кој едноставно речено од историјата е определен да се дигне востанието.
Се најдуваме токму во овој објект кој што сведочи за ова востание, а тоа востание не е само симболично, тој востанички истрел не е само симболичен во тој момент, туку едно автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ да се истрае на балканската ветрометина и да се биде на страната на антифашистичката коалиција од првиот момент, до последниот ден, до победата над фашизмот.
Акциите кои што ги прават прилепските партизани над Участакот, односно полициската станица, на затворот и на прекинот телефонско-телеграфската линија претставуваат само продолжение на револуционерниот од на Илинденците, како и на други борбени генерации кои се стремеле низ историјата да дојдат до слобода и независна држава. Тоа е реализирано со ова востание, ова е прво ослободително востание. Како што напоменав, низ историјата ние имаме голем број на востанија, меѓутоа на жалост сите завршувале без успех.
Колку борци дал Прилеп за време на Втората Светска војна и колку од нив се прогласени за народни херои ?
Ќе потенцирам, не случајно Прилеп е Град – народен херој. Прилеп е Град –народен херој затоа што низ историјата дал голем број на жртви и активности, меѓутоа во овој период од 1941 до 1945 година, ако знаеме дека Прилеп е меѓу 24-25.000 жители, имаме податок дека секој трет или околу 8 илјади се активни во народно-ослободителната борба, било тоа да се со пушка в рака, или во позадина. Од тие 8.000, 2.700 се активни со пушка в рака во партизанските единици на народно-ослободителната војска на Македонија.
Се доделувал одредот партизанска споменица на живите, на преживеаните борци. Тој орден, односно партизанска споменица од 1941 година го добиваат 154 прилепчани, од кои 33 жени. Секако тука кога спомнувам 33 жени, треба да споменеме дека и жената активно учествувала во отпорот, во востанието, во борбата. Имаме 20 жени од Прилеп кои се загинати во текот на народно-ослободителната борба и нивните имиња се вклесани во Могилата на непобедените, каде всушност се вклесани и имињата на сите загинати борци.
Покрај тоа Прилеп дал 15 народни херои. Ако знаеме дека во Македонија се 66 мина прогласени за народни херои, тогаш процентот на прилепчани е огромен. Од нив 10 мина се загинати во текот на војната, а 5 ја преживуваат. Денес се сите починати.
Секако овие бројки се доволен показател да во 1975 година од страна на Маршалот, претседателот на СФР Југославија, Јосип Броз Тито, Прилеп биде прогласен за Град – народен херој.
Токму на тој орден кој што го дал Маршалот Тито, минатата година беше направена негова реплика, затоа што при осамостојувањето на Македонија мистериозно исчезна од просториите на Општина Прилеп. Таа реплика сега може да ја видиме тука во музејот. Но освен тој артефакт, интересно е што тука веднаш до нас може да се види напишана помеѓу експонатите една култна партизанска химна, што исто така создадена во овој период во Прилеп. Таа е песната „А бре Македонче“. Како е таа создадена ?
Интересна е вистинската приказна за настанувањето на песната „А бре Македонче“, која настанува токму во овој период. Имено, тројца борци од прилепскиот партизански одред Гоце Делчев, добиваат условно кажано партиска задача, да направат песна која што ќе ги понесува борците, населението да стапуваат во партизанските редови. Тоа биле Ордан Михајлоски – Оцка, Коле Чашуле и Крсте Црвенкоски.
Подоцна таа се преработува во една модерна верзија од страна на „Леб и Сол“, „Гаро и Парамециум“, се користи и во други разни намени како култна песна ?
Песната е многу експлоатирана во разни претстави, филмови итн. За прв пат таа како музика за филм е во првиот македонски филм Фросина. Таа на некој начин стана култна песна, која што ете се применува во разни области на општественото живеење.
Дали ова народно востание е продолжување на Илинденското востание ?
Да, значи како што напоменав на почетокот, ова е продолжување на револуционерниот од на Илинденците. Тие сакале она што не го заокружиле Илинденците, иако е создадена Крушевската Република, која на жалост кратко трае, сепак партизаните се тие кои ја извојувале победата. Во контест на тоа голем дел од партизанските одреди се нарекуваат по имињата на Илинденците, прилепскиот партизански одред е Гоце Делчев, крушевскиот е Питу Гули, битолскиот е Јане Сандански. Многу од борците едноставно се поистоветувале со Илинденците. Јас често знам да кажам, ако оние од 1903 биле првите Илинденци, овие од 1942 се вторите Илинденци.