Владата ја зголемува минималната плата за 2.000 денари, односно од 12.500 на 14.500 денари, најави на владина седница премиерот Зоран Заев. Тој Тој истакна дека веќе е постигнат договор со бизнис секторот и синдикатите за зголемување на минималната плата.
„Одиме внимателно со покачувањето на минималната плата. Внимателно ги следиме сите мерки и ќе продолжиме со нив за да може стопанството да ги следи истите. Сите треба да работиме ако сакаме повискои плати и поголема конкурентност. Да бидеме поработлива нација и посветено да работиме“ рече Заев, нагласувајќи дека до крајот на мандатот се надева оти ќе ја постигнат целта – минималната плата да изнесува 16.000, а просечната 30.000 денари.
Вицепремиерот, Кочо Анѓушев истакна дека растот на платите е предизвикан од реалната економија во земјата, како и дека нивото на минималната плата е во принцип ниво кое е приближно на нивото во другите земји во регионот.
„Минималната плата е заштита на најзагрозените категории и не е тоа нешто со кое правиме притисок врз компаниите, напротив ние се обидуваме да им помигнеме со две мерки, прво со субвенционирање на придонесите на овој раст, и преку Законот за финансиска поддршка“, вели Анѓушев.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека платата е постигната со социјален дијалог и ова зголемување ќе ја намали сиромаштијата кај вработените сиромашни.