Заменикот министер за здравство Асим Муса соопшти дека ќе си поднесе оставка од функцијата по објавеното видео на кое се гледа како зема пари од новинар кој се претставува како пациент за да му закаже операција.
Муса вели дека ова било политичка стапица која направила медиумска хистерија и дека немало да дозволи таа да влијае врз неговата професионална кариера.
„Нема да дозволам цели овие 23 години инвестиции во професионалноста и во семејниот кредибилитет да биде нарушен со ваква намерна стапица со бомбастично со лажни наслови кои не се реални, а за кое може да се види во самата видео снимка. Ве известувам дека донесов одлука да се повлечам од функцијата заменик министер за здравство и да ја расчистам оваа импонирана дамка од стапицата против мене лично. Ќе продолжам да им служам на граѓаните и на нашата земја и пошироко“, изјави Муса.
Инаку во медиумите беше објавено видео на кое се гледа како Муса разговара со новинар кој се претставува како пациент и бара да му биде закажана операција на простата. Станува збор за новинар од Топ Ченел, албанската телевизија која објави и видео со претходна комуникација на вибер. Во видеото Муса добива 50 евра како аванс, од вкупните 1.000 евра кои треба да ги добие за операцијата.