Човекот кој од ден во ден ја пустоши и распродава Македонија денеска е во посета на Прилеп. Зоран Заев, човекот кој со мегаломански лаги купуваше гласови од прилепчани, денеска е во посета на градот кој благодарение на него и неговите локални функционери уназадува во секој поглед, изјави на денешната прес конференција претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Петар Ристески.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Денеска во Прилеп е Зоран Заев, премиерот кој промени име на државата, распродаде идентитет и историја, ветувајќи сигурна европска перспектива. И додека лажеше дека Европа ќе ни даде датум за преговори, во Собранието си протна шверцерски Закон со европско знаменце за опојни дроги, сакајќи веројатно да ги зајакне фамилијарните бизниси за одгледување на марихуана.
Господине Заев, кога веќе сте тука прошетајте наоколу и уверете се дека Прилеп полека, но сигурно изумира. Прилеп се враќа во времето кога вашите сопартијци го оставија со цела армија невработени луѓе. Ништо подобро не е ниту денеска, вашата неспособна власт не донесе ниту една нова инвестиција, не отвори ниту една нова фабрика, едно работно место и не реализира ниту еден капитален проект во Прилеп. Дојдовте во градот во кој вашите непотисти направија пустош, градот кој секојдневно се празни и останува без млади луѓе, без доктори, без перспектива. Дојдовте по патот Градско – Прилеп, чија изградба стагнира откако сте на власт и за кој државата веројатно ќе плаќа милионски оштети поради вашата неспособност.
Мизерните 7,7% реализација на капитални инвестиции од Општина Прилеп и катастрофалните 28% на вашата Влада, си го направија своето. Тие кои денеска ве пречекаа градат мовчиња за 500.000 евра, купуваат 4 автобуси за 1 милион евра, граѓаните ги газат со ароганција и се однесуваат како градот да е нивна лична сопственост. Еве кога веќе сте тука, прашајте го градоначалникот до каде е реализацијата на неговите изборни ветувања, прашајте го зошто на прилепчани им ги покачи сметките за вода за фантастични 60%, иако пред изборите им ветуваше за дека ќе ги намали за 20%.
Прашајте го како едни исти фирми градат насекаде во Прилеп? Дали иста фирма гради зграда кај медицинското училиште и хотел во градскиот пазар? Прашајте го Илија Јованоски дали тој има лична релација со оваа фирма? Наместо денеска граѓаните да ги замајувате со нови бескорисни ветувања и да им ветувате одново нов живот, наредете се сите еден до еден пред Градскиот саат, местото од каде ја најавивте двојазичноста во Прилеп, и дадете си колективна оставка. Прилепчани за тоа ќе ви бидат многу благодарни“, рече Ристески