Голем шумски пожар беснее деновиве во близина на манастирот „Св. Преображение“ во Крушево. Екипите на противпожарната единица заедно со армијата и локалното население, веќе неколку дена се борат со пламените јазици, да не дојдат до самиот манастир.
Центарот за управување со кризи информира дека на 26-ти месецов околу 11 часот започнат е шумски пожар кој го опфаќа потегот на манастирот Св.Преображение кон селата Арилево и Горно Дивјаци. Опожарена е млада високостеблеста дабова и букова шума, нискостеблеста шума, папрат и трње.
Во текот на вчерашниот ден интервенирале и 2 авиони на ДЗС, а денес гасеше и армиски хеликоптер. Дел од пожарот накај манастирот е локализиран, а дел од пожарот е сеуште активен, информираат од ЦУК.
Во гаснењето на пожарот интервенирале екипи на ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и ШС Липа од Крушево. Командирот на крушевската противпожарна единица, Шули Ангелески порача дека состојбата е критична и пожарот се шири кон селото Арилево.
„Состојбата не е сјајна. Критично е уште. Имаме поддршка од хелокиптерите, пешадија од војската и локалното население, од јавните претпријатија. Се прави заштитна патека, за пожарот да не стигне до манастирот. Другиот дел е локализиран, а пожарот се шири во два правци. Едниот крак е накај селото Арилево, а другиот накај ловечките домови“, изјави Ангелески.
Манастирот „Св. Преображение“ е возобновен во 1986 година, а македонската поп икона Тоше Проески лично помагаше на овој манастир за негова изградба и беше едно од неговите омилени места за мир.