ВИДЕО – „Рурална Коалиција“ : 77% од земјоделците сметаат дека има злоупотреби со државното земјоделско земјиште

77% од земјоделците сметаат дека има злоупотреба при доделувањето и користењето на државното земјоделско земјиште, а инспекциски надзор на терен речиси и да немало. Државното земјиште се узурпирало од страна на локални моќници, а дел од нив воопшто и не го обработувале, а ги користеле субвенциите од државата. Земјиштето се доделувало и по партиски клуч, а за него често пати не се плаќало ниту закупнина. Исто така еднаш даденото земјоделско земјиште повторно се издавало во подзакуп што е спротивно на законот. На земјоделците никој ниту им кажувал зошто се одбиени, ниту кој го добил земјиштето.

 

 

„Нашите апели се да има целосна ревизија на државното земјоделско земјиште, редовен инспекциски надзор во однос на обработката и користењето на државното земјоделско земјиште и поголена јавност и транспарентност при самите постапки на доделување на државното земјоделско земјиште, со навремено информирање на земјоделците како за објавувањето на огласите и парцелите кои се доделуваат, така и потоа со самото завршување на процесот да има една отчетност од страна на самите институции во делот на кој добил, колку добил, а тие кои се одбиени да добиваат информациии коии се вистинските причини зошто се одбиени“, истакна Лилјана Јоноски, „Рурална коалиција“.

 

Позитивно е тоа што 90% од земјоделците аплицираат за доделување на државно земjоделско земjиште и тоа за површини од 5 до 15 хектари, што води кон окрупнување на парцелите што пак е и стратешка определба на државата, но се бара поголема транспарентност. Најголем дел од земјоделците не сакаат јавно да зборуваат за оваа состојба или за неа говорат само делумно.

 

„Тешко можиме да дојдиме до тие тендери, тешко можиме да разбериме кога има, за која парцела и голема е процедурата“, рече Николче Подигачоски, земјоделец од прилепско.

 

„Треба да биди потранспарентно и во медиумите да го има за да може пошироката јавност да дознае и да аплицира секој кој што може“, кажа Дејан Јовески, земјоделец од прилепско.

 

Ова истражување е дел од проектот „Државното земjоделско земjиште во рацете на моќните олигарси или каj вистинските земjоделци“, поддржан од ЕУ, а го презентираше НВО „Рурална коалиција“.

 

Истражувањето на Рурална Коалиција е реализирано во август и септември годинава, во кое се опфатени 100 земјоделци од Североисточниот и Пелагонискиот плански регион, земени како пилот региони во државава.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи