Поранешниот премиер, а сегашен азилант во Унгарија Никола Груевски се спаси од кривичен прогон за случајот „Траекторија“. Тој нема да одговара за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание за изградбата на кинеските автопати, Штип-Миладиновци и Кичево -Охрид, поради застареност на делото. Максималната казна за ова кривично дело е три години затвор, а од делото за кое се товари во обвинението, поднесено од СЈО во јуни 2017, се поминати шест години. Државата сега ќе треба да му ги надомести судските трошоци.
Во „Траекторија“, обвинети се уште поранешните министри Владимир Пешевски и Миле Јанакиески, како поранешниот директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие се обвинети за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување и за нив судењето продолжува.
Поранешниот премиер Груевски е правосилно осуден во „Тенк“ на две години затвор за истото кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Во „Титаник“ е обвинет за три кривични дела: Злосторничко здружување, Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и Повреда на избирачкото право, затворска казна од најмалку три години. Во „ТНТ“ е обвинет за кривичното дело Злоупотреба на службената положба. Во „Насилство во Општина Центар“ е обвинет за кривичното дело „Насилство“. Во „Талир“ е обвинет за Злоупотреба на службената положба и овластувања и Перење пари.