Францускиот парламент претпладнево го изгласа Законот за ратификација на Протоколот за членство на земјава во Алијансата. Со тоа 28 од 29 земји-членки на Алијансата ја комплетираа процедурата за прием на земјава во НАТО.
Последната, 29. земја која треба да го изгласа е Шпанија, но засега е неизвесно кога ќе се случи тоа, бидејќи таму пред само десетина дена се одржаа вонредни избори, па новиот парламент сѐ уште не е конституиран.
„Денеска сме буквално на чекор до полноправно членство во НАТО. Останува процесот да се заврши со ратификацијата во Шпанија, но таму сѐ уште има дилеми околу составот на владината коалиција, така што тоа се работи кои не зависат од нас. Информации ќе имаме веднаш по самитот на НАТО во Лондон, кога ќе се одржи прва седница на новиот шпански парламент“, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Се очекува парламентот во Мадрид да го ратификува протоколот до почетокот на февруари идната година.
Македонија ќе биде последната земја која што ќе треба да го ратификува пристапниот протокол, со цел да стане полноправна членка на НАТО алијансата.