Макс Бет на Мијалков отвора 25 обложувалници откако ја доби првата лиценца од владата

Facebook
Twitter
Email
Print

Друштвото за приредување на игри на среќа Макс Бет, во чија сопственичка структура се наоѓа компанија во сопственост на семејството на екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, почнува да формира мрежа на обложувалници во Скопје и други градови низ Македонија, откако пред половина година доби лиценца од владата за првата обложувалница, известува Фокус.

 

Според податоците од Централниот регистар, компанијата за коцкање и обложување моментално има регистрирано 25 подружници за приредување на игри на среќа, кои во најголем дел се наоѓаат во Скопје (Центар, Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров), но и во други градови, како Куманово, Тетово, Прилеп, Битола, Кичево.

 

Притоа, управител на сите подружници е поранешниот директор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и Македонски шуми, Владимир Бахчоваковски, кој воедно фигурира и како малцински косопственик во компанијата со влог од 25.000 евра.

 

Како доминантни сопственици на македонската Макс Бет моментално се јавуваат истоимената српска компанија на Саша Марчета и домашната компанија Бест Веј Инвестмент, која е во сопственост на синот на Мијалков – Јордан Мијалков, чие учество во главнината на друштвото изнесува по идентични 237.500 евра.

 

Инаку, оваа компанија на Мијалкови и српскиот бизнисмен Марчета, кој во својата земја е познат како „кралот на коцката“, е формирана на средината на 2018 година, додека во мај годинава добива ја доби првата лиценца од владата за приредување на игри на среќа.

 

Станува збор за одлука донесена на 136-тата владина седница, која ја водел вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, со оглед дека тој се јавува како потписник на лиценцата за Макс Бет, во која се наведува дека друштвото ги исполнило потребните услови за да добие лиценца за локација на булеварот Јане Сандански во Аеродром.

 

Своеремено, косопственик во оваа компанија беше и Илија Тозија, меѓутоа тој неодамна излезе од компанијата, а, исто така, се повлече и од Бест Беј Инвестмент на Мијалков, каде беше управител по формирањето на компанијата во 2015 година.

 

Пред една недела, во полицискиот билтен осамна информација дека Тозија бил нападнат во неговата гаража од три маскирани лица, кои, според неговата пријава, го удирале со тврди предмети по телото.

 

Извор: Фокус

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи