ВИДЕО – Сончогледот полека се враќа на нивите, иднината се гледа во договорното производство, но потребна е и државна помош

Заинтересираноста кај земјоделците за производство на сончоглед е се поголема, но потребна е поголема помош од државата со зголемени субвенции и поголеми откупни цени. Ова е ставот на одглeдувачите на оваа култура кои велат дека за разлика од лани производството е зголемено за 50%, но цената од 17,5 денари по килограм била мала, а ниски билe и субвенциите од 400 евра по хектар.

 

 

„Јас мислам дека цената можи е мала, но ние на пазарот имаме премногу сончоглед, премногу пченица, премногу пиперка, па дај малку да го растеретиме пазарот. Околу цената ќе седниме, ќе разговараме. Јас мислам дека е 17.5 денари, тука сме разговарале ние што сееме досега сончоглед, ние нема да се откажеме од сеење, исплатата ни е на време, но цената не е добра, бараме повисока да биде цената. јас не би можел да одлучам сега, тука заедно ќе разговараме, ќе се отвори тема“, кажа Драган Мицкоски, одгледувач на сончоглед.

 

За тоа како да се зголемат површините со сончоглед во Македонија, особено во Пелагонија, аgrotim.mk и Асоцијацијата на производители на сончоглед вечерва организираа трибина во Прилеп. Иднината на сончогледот како и на другите земјоделски култури се гледа во договорното производство.

 

„Кога лани ја почнавме оваа кампања, Благој Ѓорев откупи 2.300 тони сончоглед. Со кампањата од минатата година, односно годинава, откупот го зголеми за околу 7.000 тони. што значи дека интерес има кај земјоделците, тие само бараат да се зголеми субвенцијата за да бидат повеќе мотивирани да произведуваат и секако, она што е од голема важност за нив, е тоа што добиваат семе и други репроматеријали на одложено плаќање. Добро е тоа што Благој Ѓорев има капацитет за околу 40.000 тони преработка, што значи големи се шансите да го вратиме сончогледот на македонските ниви, со една добра соработка меѓу Асоцијацијата на производители на сончоглед, откупувачот Благој Ѓорев и Агротим во случајов како еден организатор на вакви трибини и на едукација на земјоделците да се приклучат во кампањата на договорно производство на сончоглед“, изјави Ленче Николоска, од Агротим.мк.

 

Компанијата „Благој Ѓорев“ од Велес е откупувач на сите произведени количини на сончоглед во Македонија. Од таму се надеваат дека преку договорното производство за брзо време може да се дојде до производство на 10.000 тони годишно сончоглед во Македонија.

 

„Ние како акционерско друштво „Кристал – Благој Ѓорев“ од Велес се потрудивме и минатата и предминатата година сите произведени количини во Република Македонија да ги откупиме и за среќа сите земјоделци до ден денеска се исплатени. Им ветивме дека до новата година сите ќе бидат исплатени, меѓутоа успеавме и порано да им исплатиме, што сметаме дека е уште еден стимул за поголемо производство на сончоглед. мислиме дека ќе успееме како некогаш во социјализмот, пред едно 20-тина години кога Македонија имаше сопствено производство на сончоглед околу 40.000 тона зрно, дека ќе успееме барем до некаде да се доближиме до таа бројка. Ние сега се бориме и се стремиме да дојдиме до бројка од околу 10.000 тона. Некогаш, во времето на Југославија нашата република имала за да ги задоволи потребите 10 месеци, а два месеца било само масло од увоз. Додека во изминативе години, за несреќа или за жал имаме само еден неполн месец да ги задоволиме потребите. Сето тоа значи одлив на девизи“,истакна Горанчо Лазов, извршен директор на фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес.

 

Соработка и поддршка на земјоделците во моментов се прави и преку фирмата Биспромет – Агроцентар, Битола, која им дава семенски материјал на одложено плаќање. А во иднина за да им се помогне на сите оние земјоделци кои произведуваат помали количини од 1 до 10 хектари и имаат проблем со транспортот, за наредната година се правеле обиди да се отвори и откупен пункт во Битола.

 

„Ние ги носиме најдобрите сорти кои што се моментално на светско ниво, кои имаат голема масленост, кои даваат добри приноси, се со цел земјоделците, фармерите да бидат задоволни од приносите, а исто така фабриката да биде задоволна од производот кој што ќе им биде однесен, односно сончогледот да има што поголема масленост“, додаде Никола Ѓеровски, сопственик на Биспромет – Агроцентар, Битола

 

Вакви едукативни трибини за предностите на договорното производство аgrotim.mk планира да прави и во други градови на Македонија.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи