Фекалии течат низ селото, насекаде се шири неподнослива миризба. Жителите се плашат од појава на заразни болести. Поголемиот дел од улиците не се асфалтирани и личат на големи блата. Ваква е сликата во селото Лажани во Општина Долнени кај Прилеп каде живеат околу 3.500 жители. Велат дека со години се заборавени и од државата и општината. А од сите предизборни ветувања останувале само празни зборови. Токму затоа со сопствени средства започнале со бетонирање и уредување на дел од улиците низ селото.
„Градоначалникот молчи на сето ова. Немаме никаков одговор од него. Известен е, знае дека се одвиваат работни акции. Не е дојден никој од Општината да праша, да види дали може некако да ни се помогне“, рече Марјан Најдоски, жител на с. Лажани.
„Зачепена е канализацијата, не можеме да пуштиме вода, воопшто не можеме да влеземе во тоалет. Полни се шахтите, тоа е болест, смрди, во купатило не можам да влезам воопшто“, кажа Муско Шкриељ, жител на с. Лажани.
Се закануваат дури и со непуштање на децата на училиште поради тоа што улицата која води до училиштето наликува на езеро.
„Ако треба децава ќе ги стопираме да не одат на училиште бидејќи улицата до школото е како канали“, истакна Рашид Бајрамовиќ, жител на с. Лажани.
Обвинуваат и тоа дека низ целото село има само 10-тина контејнери, а треба да има барем 10 пати по толку.
„Овој контејнер се менува еднаш на 3 месеци. Знаете што значи едне контејнер има тука за целата населба во селово. Повеќе ѓубре има околу него, отколку во него“, додаде Беган Дечевиќ, жител на с. Лажани.
„Секоја година се повеќе и повеќе млади си заминуваат, се иселуваат и го напуштаат селото и родното огниште“, потенцираше Драги Михајлоски жител на с. Лажани.
Од Општина Долнени само истакнаа дека ова биле децениски проблеми кои тие неможеле да ги решат преку ноќ. Поголемиот дел од улиците во Лажани ги тампонирале, а за дел од нив чекале средства од Владата. Се труделе да ги задоволат барањата на сите 36 населени места согласно скромниот буџет на Општината, каде за жал немало доволно пари за сите вакви проблеми. Жителите на Лажани пак велат дека градоначалникот не ги посетил цели 2 години и дека не се должни од свој џеб да асфалтираат улици, а од друга страна да плаќаат и даноци, бараат итна реакција и на државата и на Општината.