Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај за Македонија со дипломатски манир ја искара Владата за голем дел од мерките кои ги предлага и спроведува.
ММФ очекува намален раст на економијата во Македонија, и за разлика од Владата која очекува 3.8%, монетарците предвидуваат раст од 3.4%. Барањата од кои не се откажува ММФ, како и во секој друг извештај, така и во овој, се драстично намалување на корупцијата, како и поголема контрола врз администрацијата. Исто така, со оглед на тоа дека се зголемија платите, а се укина прогресивното одданочување, се бара многу поголема наплата на приходите во буџетската каса, но и да се намалат земјоделските субвенции.
Според ММФ, растот на минималната плата не е во согласност со растот на продуктивноста и предупреди на ризици и непосакувани ефекти по одлуката на македонската Влада за зголемување на минималецот.
„Нето-минималната плата кумулативно е зголемена за 44 отсто во изминативе две години, а во економската програма на Владата се предвидува таа да достигне 16.000 денари до крајот на 2020 година, што би довело до пораст од уште 10 отсто. Во услови кога порастот на минималната плата значително го надминува порастот на продуктивноста, дополнителни зголемувања може да и наштетат на конкуретноста“, пишува во извештајот.
Во него, се потенцира дека иако зголемувањето на минималната плата може да ја намали сиромаштијата кај работниците со ниски примања, тоа нема да влијае врз намалување на вкупната сироматшија во земјата.
„Зголемувањето на минималната плата не е мерка која е добро проектирана. Во 2018 година стапката на ризик од сиромаштија кај вкупното население беше 22 отсто, а кај работниците 9 отсто. Натамошно зголемување на минималната плата може да доведе до отпуштања и следствено до пораст на ризикот од сиромаштија“, велат од ММФ.
Оттаму укажуваат дека „дарежливите“ минимални плати може да ја поттикнат и сивата економија.
Според ММФ, власта мора да остане на патот на реформите. Овој период треба да се користи за фискална консолидација и обнова на фискалниот простор, со цел економијата да може да се справи со идни шокови.