Вернер Шоер, план менаџер на германската инвестиција WIK лоцирана во ТИРЗ Прилеп, денеска истакна дека компнијата планира проширување на капацитети и зголемување на бројот на вработени.
„Ние сме компанија од германско потекло, инаку имаме фабрики во Азија, во Кина и во Индонезија. Нашата фабрика во Македонија е релативно млада и затоа планираме во наредниот период да направиме проширување на истата. Периодот од кога ја имаме основано фабриката тука имаме одлична поддршка од страна на државата и затоа тоа придонесе ние да се одлучиме да продолжиме со инвестиции. Нашите активности се однесуваат на леење пластика, како и склопување на финални производи. Ние работиме за светски познати брендови, како што се „Нестле“, „Сименс“ и други. Целта не е само наше јакнење, туку и јакнење на добавувачите во регионот, пред се Македонија и околните земји како Бугарија, Турција, Србија итн., така да целта е заедно со растот на фабриката да расте и локалната заедница“, истакна Шоер.
WIK денеска ја посетија и вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, како и Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.
„Се потврдуваат уште еднаш успешните економски политики за стимулирање на инвестициските проекти. Всушност ова покажува и тоа дека РС Македонија е дестинација посакувана и со одлична, поволна клима за инвеститорите, како домашните, така и странските. ВИК произведува апарати за домаќинство и како што видовте денес, дека компанијата предвидува и понатамошни инвестиции, со воведување на нови производи, на нов асортиман. Кога почна оваа компанија пред година и половина, во нивниот бизнис план почетните инвестиции им беа некаде околу 6 милиони евра, со најмалку инвестирање околу 6 милиони евра и со најмалку вработување од 60 вработени. Денес со задоволство можам да констатирам дека после една и половина година оваа компанија достигна инвестиции од околу 13 милиони евра, со цел да го достигнат тој инвестициски износ од 15 милиони евра и вработуваат веќе над 200 лица“, рече Апостолска.