Потврден е првиот случај на корона вирусот во Македонија.
„Станува збор за жена на возраст од 50 години, која веќе еден месец престојувала во Италија. Болна била веќе 14 дена, а била медицински третирана во италијанска здравствена институција“, изјави на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче додаде дека нема простор за паника и упати апел до јавноста да не се шират дезинформации. Тој упати апел до сите граѓани кои се враќаат во државава од држави каде што има веќе регистрирано присуство на корона вирус, да се придржуваат до насоките и препораките кои ќе ги добијат на пунктовите на граничните премини и аеродромите.
Исто така упати апел и до сите институции и компании да не ги примаат на работа своите вработени кои се враќаат од земји каде има регистрирано корона вирус, а истото важи и за образовните институции и нивните ученици.