Се одбележуваат 16 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

Facebook
Twitter
Email
Print

 

 

 

Денес се навршуваат 16 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина на 26-ти февруари 2004 година во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар. По тој повод бројни делегации полагаат цвеќе како во Македонија, така и во Мостар во Босна и Херцеговина.

 

Актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше советник во кабинетот на вториот шеф на државата, напиша на својот фејсбук-профил дека го памети Трајковски по неговата визија за успешна Македонија.

 

„Денеска одбележуваме 16 години од смртта на прерано и трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и членовите на неговиот кабинет и мои некогашни колеги. Претседателот Трајковски секогаш ќе го паметиме по неговата визија за успешна Македонија, неговата клучна улога во процесот на помирување и склучувањето на Охридскиот рамковен договор и неговата непосредност и ведрина“, напиша Пендаровски.

 

Борис Трајковски беше втор претседател на Македонија, од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година, кога неговиот мандат заврши со трагичната смрт во авионска несреќа.

 

Покрај претседателот Борис Трајковски, во несреќата загинаа и советниците од неговиот кабинет, Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски, Анита Лозановска, Миле Крстевски, членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Велиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

 

За причините за падот на владиниот „кингер“ со кој патуваше претседателот Трајковски беа изврешени две истраги и објавени два извештаи, на две комисии со кои раководеа Салко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа и македонски експерти. И во двата извештаи како причина за падот на „кингерот“ се наведуват пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи