Од две до две ипол години затворска казна добија три професори од Економскиот факултет при УКИМ откако судот ги прогласи за виновни за примање поткуп и барање сексуални услуги од студентки за преодни оценки.
Професорите Бобек Шуклев, Драги Јанев, Славе Ристевски и Драган Денковски се виновни, одлучи судот во случајот „Еразмус“. Првообвинетиот Шуклев доби казна затвор од две години за примање поткуп. Обвинетиот Драги Јанев, за кого судот кажа дека исто како Шуклев барал сексуални услуги од студентки за да пише преодни оцени, осуден е на две години и шест месеци затвор. Професорот Славе Ристевски е исто така осуден на две години и шест месеци затвор. Условно осуден е и демонстраторот на Економскиот факултет, Драган Денковски, кој бил посредник меѓу студентите и професорите.
„Дел од обвинетите, кои се професори, на Економскиот факултет во Скопје, ги прекршиле, не само кривично-правните норми, но и основните, елементарни морални и етички норми постапувајќи надвор од кодексот кој го налага образовниот процес. Пристапот и постапувањето со студентите при полагањето на испитите на овој факултет“, стои во пресудата која беше прочитана пред осудените.
Професорите добија и забрана за вршење професија и дејност во траење од 10 години, а демонстраторот Денковски доби забрана за вршење професија и дејност во траење од пет години.