ВИДЕО – Волонтери од Општина Прилеп ќе ги пазарат потребните намирници и лекови на старите, изнемоштените, хронично болните и на лицата со посебни потреби

Од денес 5 тимови на волонтери во Прилеп, составени од по 2 членови, ќе им ги пазарат потребните намирници и лекови на старите и изнемоштени лица, хронично болните, како и на лицата со посебни потреби. Ова е само уште една од мерките на Општина Прилеп кои се воведуваат како заштита на овие ранливи категории од корона вирусот. Целта е тие во овој период да останат дома. За контакт со волонтерите е воведен бројот 048-401-700, а од утре ќе има бесплатна линија. Тимовите ќе пазарат со средства на граѓаниите, а ќе бидат достапни од 8 часот утрината па се до 18 часот. Членовите на тимовите ќе бидат строго проверени лица дека немаат корона вирус.

 

 

„Акредитирани волонтери од Општина Прилеп опремени со заштитна опрема, после телефонскиот повик ќе ги посетат граѓаните во нивните домови и со средства од граѓаните ќе ги набават потребните артикли од маркети и аптеки, по избор на самите граѓани, и ќе ги достават до нивните домови. Целта е да ги заштитиме најранливите категории на граѓани од корона вирусот и да се намали можноста да бидат изложени на ризик од заразување и што помалку да излегуваат од нивните домови. Со оваа мерка помагаме да се намали протокот односно движењето на старите, болни, изнемоштени и хронично болни лица во градот, во маркетите и во маркетите. Ги избираме од општина Прилеп волонтери за кои знаеме сигурно дека во последните 14 дена не ја напуштиле државата, не биле болни од грип или воопшто некое друго заболување. Тоа ќе бидат млади лица кои што ќе бидат заштитени со маски, ракавици, опрема и се што му е потребно“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Од Општина Прилеп апелираат граѓаните кои не спаѓаат во овие категории на граѓани, да не ја злоупотребуваат оваа телефонска линија. Исто така беше упатен апел до сите маркети и продавици да воведат и он лајн нарачки и достава на артиикли до домовите на граѓани.

 

„Сакам јавно да ги повикам стопанствениците и бизнисмените од нашиот град, во овие моменти на справување со корона вирусот да им излезат во пресрет на социјално ранливите категории на граѓани со донирање на прехрамбени артикли и средства за дезинфекција. На крај, уште еднаш апелирам до сите граѓани на општина Прилеп за свесно, совесно и одговорно однесување и почитување на препораките што секојдневно ги носи министерството за здравство и владата“, додаде Јованоски.

 

Претходно Општина Прилеп воведе мерка полицијата да ги контролира возилата кои влегуваат во Прилеп од општините Кривогаштани, Долнени и Пласниц бидејќи има сомнежи дека таму се вратени лица од високоричните европски земји, особено Италија, кои неконтролирано се движат низ Прилеп, што претставува потенцијална опасност за ширење на вирусот. Инаку досега во Прилеп нема утврдено случај на заболен од корона вирус.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи