На 15.03.2020г. во просториите на општина Крушево се одржа вонреден состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување на кој беа донесени неколку заклучоци заедно со препораки и задолженија на локалните институции во однос на справувањето со кризата со вирусот Корона.
Во продолжение ги проследуваме донесените заклучоци.
- Во пазарните денови, односно понеделник и четврток нормално ќе функционира пазарот со препорака да не се создаваат поголеми собири на граѓаните и да нема задржување во објектот во пазарот подолго време.
- Градоначалникот на општина Крушево ги откажува отворените денови за прием на странки во кабинетот се додека трае ваквата состојба, додека за итни потреби граѓаните можат да ја контактираат локалната самоуправа и градоначалникот на следните телефонски броеви: 048/ 477 061 и 048/477 046
- Се објавуваат телефонски броеви за помош на стари изнемоштени лица кои не можат да излегуваат од своите домови, а им е потребна помош – 048/ 477 061 и 048/477 046 кои функционираат до 16 часот и ТППЕ Крушево 048/ 476 493 и 193 кои функционираат во текот на цело деноноќие
- Народната кујна во општина Крушево ќе доставува сува храна три пати во неделата на лицата кои ја користат оваа услуга.
- Здравствениот дом во Крушево информира дека се откажуваат специјалистички прегледи закажани во овој период и сите други прегледи кои не се итни да се избегнуваат и граѓаните да се јавуваат во Заводот за јавно здравје во Прилеп на следниот телефонски број: 076/475 747
- ОВР Крушево ќе ја одвива работата нормално со засилени мерки за сузбивање на поголеми групи на граѓани.
- Се задолжуваат сите институции кои спаѓаат под локалната самоуправа да извршат дезинфекција во седиштата на сите институции и училиштата пред почетокот на наставата. Локалната самоуправа да асистира во извршувањето на оваа обврска.
- Локалната самоуправа ќе асистира во набавка на средства за дезинфекција и на другите органи на општината.
- Се задолжуваат основните училишта и средното општинско училиште на територијата на општина Крушево да изнајдат алтернативни начини за изведување на настава преку електронско учење додека трае забраната.
- Се задолжуваат превозниците секојдневно да ги дезинфицираат превозните средства на територијата на општина Крушево.
- Секој граѓанин да се грижи за своите животни и да се одржува нивна хигиена.
- Општинскиот штаб за заштита и спасување упатува апел до граѓаните на општина Крушево да се почитуваат препораките од Министерството за здравство на Република Северна Македонија.
- Се задолжува Одделението за администрирање на приходи во општина Крушево да изврши комуникација со сите приватни сместувачки капацитети и да им укаже за препораките за прекин на услуги кон потенцијални туристи во овој период се додека е на сила препораката и на приватните сместувачки капацитети им се препорачува да го следат примерот на хотелите.
- Апел да се избегнуваат собири на граѓани во продавниците во околните села во општина Крушево.