Покрај тековните активности, ЈКП „Комуналец“-Прилеп од раните утрински часови започна со реализација на препораките на Владата на Северна Македонија и Министерството за здравство, кои се однесуваат на заштита на здравјето на граѓаните од КОВИД 19, односно корона вирусот.
„Од раните утрински часови, започнавме со дезинфекција на контејнерите од 1м3, мрежестите контејнери, како и просторот околу нив. Во текот на денешниот ден ќе извршиме комплетна дезинфекција на сите контејнери во градот. Исто така, извршивме перење и дезинфекција во централното градско подрачје, на плочниците, а се дезинфицира и урбаната опрема, како и перење и дезинфекција на Терминалот каде што се врши царинење на одредена стока“, изјави Даре Цветаноски, раководител на сектор во ЈКП „Комуналец“-Прилеп.
Во чистењето и дезинфекцијата на улиците, плочниците и урбаната опрема, со свои тимови се вклучија и ЈКП „Водовод и канализација“, како и Територијалната противпожарна единица од Прилеп.
Почнувајќи од 5 часот наутро, активностите на јавните комунални претпријатија за темелно перење и дезинфекција на улиците, плоштадите и јавните површини, ќе продолжат и во текот на следните денови.