Во странство се заглавени околу 2.300 македонски граѓани, ќе се враќаат со чартери, но ќе има и задолжителен карантин

Околу 2.300 македонски граѓани се јавиле во дипломатските и конзуларните претставништва за да прашуваат и побараат помош за враќање во земјава откако поради коронавирусот се нашле затечени на граници и аеродроми ширум светот. Повеќето од нив се во европските земји, а Министерството за надворешни работи и Министерството за транспорт и врски се задолжени да организираат хуманитарни летови и да ги вратат дома.

 

На денешната прес-конференција министерот Никола Димитров рече дека оваа бројка може да варира. Тој упати повик до сите кои се заглавени надвор од земјава и сакаат да се вратат, а претходно не се регистрирале, телефонски или по и-меил, да се обратат во дипломатските претставништва најдоцна до утре (22 март) до 18 часот, бидејќи државата нема да биде во можност континуирано да организира вакви летови. Сите кои ќе бидат донесени дома, прво ќе одат во државен карантин.

 

„Владата одлучи сите што ќе дојдат во поголеми групи со хуманитарните летови, да бидат во задолжителен државен карантин во траење од минимум 15 дена, со цел да се заштити здравјето на населението што си е веќе во татковината“, рече Димитров, посочувајќи дека карантинот ќе биде на товар на државата.

 

За да се организира карантинот, рече министерот, формирано е посебно тело.

 

„Ние ќе направи сè што може условите да бидат добри и да се грижиме за здравјето на луѓето“, вели Димитров.

 

Во врска со оние граѓани кои се во Шенген-зоната, министерот информираше дека упатиле барање до многу земји да нема последици ако во оваа ситуација со коронавирусот некој го пречекори дозволениот рок за престој од 90 дена во последните 180. Тој изрази надеж дека ќе се постигне ваков договор со земјите во Шенген-зоната.

 

Димитров најави дека во наредните денови ќе се организира и еден хуманитарен конвој од Црна Гора кон Македонија, затоа што таму во моментов се заглавени околу 70 граѓани. И тие ќе бидат ставени во двонеделен карантин.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи