Министерството за здравство го поништи тендерот за набавка на респираторни машини, бидејќи ниту една од фирмите кои се јавиле не биле во можност да го исполнат условот за итна испорака на истите, кажа денес министерот за здравство Венко Филипче.
„Денеска заврши јавната набавка на респираторни машини. Иако успеавме да постигнеме релативно добра комерцијална цена од 16.000 евра, ниту еден економски оператор не можеше да го задоволи критериумот за итна набавка. Заради тоа постапката во тој дел ќе се поништи. Министерството за здравство ќе даде предлог до Владата да ја спроведе истата“, рече Филипче.
Според Филипче, државата во моментот располага со 120 респиратори, кои според министерот се доволни за нормално функционирање, бидејќи според светските искуства, само на 5% од заболените пациенти им е потребен респиратор.