Претседателот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција го образложи пакетот мерки што владејачката партија и го предлага на Владата за справување со економската криза поради коронавирусот.
Сите функционери и раководители, пратеници, вработени во администрацијата и локалната самоуправа, судии и обвинители во април и мај ќе земаат минимална плата од 14.500 денари, а за приватни фирми, социјални категории граѓани, невработени, уметници, спортисти и медиумски работници владата ќе субвениционира различна сума која ќе се движи до една минимална плата за месеците април и мај. Ова се дел од пакетот мерки тежок 200 милиони евра, кој економскиот тим на СДСМ ги подготвил и ќе ги достави до владата, а опфаќаат и запирање на исплата на кредити кај банките, наплата од извршители, плаќање на закуп за социјални станови и за деловен простор во државна сопственост.
Главна цел, како што соопшти на прес-конференцијата претседателот на СДСМ Зоран Заев, е заштита на јавната и приватната потрошувачка.
Пакетот ги содржи следните предлог-мерки:
- Владата за секој работник во приватните фирми погодени од кризата ќе исплати по една минимална плата од 14.500 денари за април и мај, додека фирмите сами ќе ги платат придонесите и персоналниот данок. Останува правото на фирмата на своите вработени да даде и поголема плата од минималата. Помошта не се однесува за вработени кои имаат нето-плата поголема од 39.900 денари, а сите под таа плата ќе спаѓаат во пресметката за помошта. Оваа мерка се однесува на оние фирми кои нема да даваат дивиденди и бонуси за вработените до крајот на 2020 година и нема за време на кризата да повлекуваат дивиденди и бонуси врз основа на добивка од 2019 г. Фирмите кои ќе аплицираат мора во тој момент да имаат најмалку ист број вработени како пред појавувањето на кризата. Целта е да нема отпуштање на вработени како и сочувување на стабилноста на фирмите. Тоа значи дека фирмите ќе можат да си вработат работници ако евентулано отпуштиле некого и после тоа да аплицираат за самата мерка. За оваа мерка државата ќе одвои околу 120 милиони евра.
- Месечен надомест и за граѓаните кои останале без работа поради кризата во висина од 50 проценти од просечната плата на работникот за последните 24 месеци, 18 месеци, 32 месеци согласно Законот за вработување и осигурување во случај на неврботеност.
- Сите избрани и именувани функионери и раководители на државно и локално ниво, пратеници, премиер, вицепремиери, градоначалници, директори раководители, судии и обвинители ќе земаат минимална плата, односно за април и мај ќе добиваат по 14.500 денари.
- И сите вработени во јавниот сектор, јавна администрација на државно и на локално ниво ќе земаат минимална нето плата од 14 500 денари за април и мај. Оваа мерка не се однесува на вработените лекари и медицинскиот и помошен персонал, полицајците и војниците и тие што работат со нив за помагање за справување со коронавирусот.
- Претседателите и членовите во советите во општините, управните и надзорните одбори на јавните институции и на комисии кои се истовремено некаде вработени ќе работат без надомест за април и мај.
- 7.000 денари по домаќинство за лица кои немаат работен ангажман или кои биле дел од неформалната економија за април и мај. Исто така, и за поддршка на најсиромашните, ќе има дополнителна исплата на енергетски додаток за април и мај. За овие две мерки вкупниот фискален ефект за два месеца изнесува 389 милиони денари или 6,3 милиони евра.
- Се запира Законот за извршување до крај на јуни. Извршителите ќе треба да запрат со извршни дејства, работодавците да запрат со постапување по налози од извршителите. Не се однесува само за легнати пари на сметка на извршителите и кога се работи за алиментанција за дете кон самохран родител.
- Банките ќе ги одложат сите кредити на граѓаните и фирмите до јуни. Банките го прифатиле ова, а некои најавиле дека одложувањето може д абиде и подолго. Доколку не се почитува, владата ќе донесе уредба со законска сила.
- Се ослободуваат од плаќање закуп на корисниците на социјалните станови, а исто така и од плаќање закуп на простор од претпријатието за станбен и деловен простор за следните три месеци. Препорака е и до приватните фирми кои издаваат да го направат истото.
- Дополнителен бескаматен кредит за фирмите од нови 6 милиони евра. Развојната банка ќе дава дополнителни бескаматни кредити по веќе познати услови и камати што ги утврдила владата.
- Нови 50 милони евра евтини кредити преку комерцијалните банки во износ 3 000 до 90 000 евра со севкупна камата не поголема од 1 процент. Трошокот на Развојната банка од 0,5 проценти ќе го покрие владата.
- Со уредба со законска сила ќе се забрани фирмите да одат во стечај во време на кризата, без разлика дали стечајот го покренал доверител, кредитор или самата фирма.
- Помош за медиумските работници и медиумите за сите информативни дејности од Владата по една минимална плата од 14 500 по вработен за април и мај.
- Помош за спортистите и спортски работници од владата во висина од 14 500 денари, како и за 141 самостоен уметник преку Министерството за култура.
Заштедата од овие мерки ќе се упаќаат на посебен фонд, корона-фонд во рамки на Буџетот на владата од каде ќе се спроведува солидарноста кон граѓаните и стопанството.
„Подобро да извршиме два месеца солидарно на минимална плата отколку да дозволиме крах на економијата и последици врз сите“, рече Заев.
Исто така, се предлагаат и мерки за пензионерите, лицата со попреченост и бремените жени, со тоа што само тие ќе можат да пазарат 7 до 9 часот наутро.
Заев рече дека доколку се утврди дека некоја фирма или поединец остварил екстра-привилегии на сметка на граѓаните, Владата може да донесе уредба за национализација.
„Сите наши капацитети и сили мора да ги насочиме во борбата против коронавирусот, за заштита на здравјето на граѓаните и за справување со економската ситуација поради кризата со коронавирусот. Економските последици од кризата ќе бидат огромни и ќе ги опфати сите економии во светот. Се наоѓаме пред сериозни предвизици и за граѓаните и за стопанството“, додаде Заев на прес-конференцијата.