Коронавирусот ја зеде втората жртва во Македонија. Министерството за здравство информира дека ноќеска на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина пациент заболен од коронавирус. Се работи за маж на 63 годишна возраст од Дебар, кај кого дошло до нагло влошување на состојбата.
Пациентот бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на 17 март, без покачена температура, но со наод на белите дробови и бил зависен од кислород. Во текот на ноќта нагло се влошува неговата состојба, веднаш е интубиран, ставен на респираторна машина, но во неколку часа неговата состојба дополнително се влошила и пациентот починал.
Пациентот немал позната историја на коморбидитет.
Ова е втор смртен случај во последните 24 часа. Вчера почина 57 годишна жена од Куманово, а заболен е и нејзиниот 33 годишен син кој е во стабилна состојба.