Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) не се согласува со предлогот на СДСМ за намалување на платите на вработените во јавната администрација и бара од Владата доколку добие таков предлог, тој да биде одбиен.
Според Синдикатот, ваквиот предлог е радикален и директно ќе влијае врз работниците кои се најмалку платени. Затоа бара итно да се воспостави социјалниот дијалог и да се слушнат мислењата и на синдикатите и на економските експерти.
„Прес-конференција на лидерот на СДСМ, господинот Зоран Заев, со изнесување на предлог – мерки за намалување на економската криза и помагање на стопанството, конкретно, за намалување на платите во јавниот сектор за повеќе од 50%, во нашето членство предизвика големо незадоволство, загриженост, несогласување, немир, страв за сопствената егзистенција, егзистенцијата на сопственото семејство. СОНК смета дека оваа мерка е премногу радикална и дека голем дел од вработените ќе ги доведе до работ на егзистенцијата. За таа цел, бараме, предлогот упатен до владата за намалување на платите до висината на минималната плата, односно до 14.500 денари, да се повлече. Предлагаме, под итно, да се воспостави социјален дијалог со синдикатите, да се слушнат и нашите размислувања и предлози. Особено е важно, според нас, да се консултираат и прифатат мислењата на економските експерти во нашата држава, без разлика на политичкото убедување и дејствување. Секој издржан и добронамерен предлог, поткрепен на база на длабока анализа и факти, треба да се прифати. Впрочем, оваа криза не е само во Македонија. Ваква предлог мерка, во држави слични на нашата, каде што има економска криза, намалување на плати нема ниту во Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, Косово, Бугарија, Грција“, велат од СОНК.