ВИДЕО – Мариово живее сосема исто како и пред пандемијата, тука дури ни Ковид 19 не може да смени нешто

И додека целиот свет живее во огромен страв и паника од корона вирусот, преполни болници, стотици мртви, ограничено движење во текот на денот, разни забрани и строги мерки, депресија од затвореност дома, полициски час во текот на ноќта, најненаселениот дел од Европа, прилепско Мариово, живее ама сосема исто како и пред глобалната пандемија. Тука дури ни Ковид 19 не може да смени нешто.

 

 

Решивме да го посетиме селото Витолиште оддалечено 60-тина км. од Прилеп и да видиме што се случува таму во овој период. Поради затворањето на училиштата во Прилеп семејството на Спасе Чакрески сега е конелно целото заедно. Децата се вратени на село.

 

„Нештата не се сменети, ние и претхосно сме како во некој карантин. Онаа мерка која кажува дека повеќе од 5 или 6 луѓе треба да се разбијат, кај нас е проблем и толку да собериш, чудо е 5 мина да се соберат на едно место. Животот и во претходните денови ни е ист како и сега, така да нешто посебно не чувствуваме“, вели Спасе Чакрески, жител на с. Витолиште.

 

На ист став е и неговата сопруга.

 

„Се си е како и претходно, не се плашиме, си одиме како и нормално на кафе со комшивкиве, се дружиме“, рече Ленче Чакреска, жител на с. Витолиште.

 

Иако ситуацијата со корона вирусот е навистина сериозна, сепак шегата и мајтапот и во ова време не ги напуштил Мариовци. Велат дека ако ние сега чувствуваме како е да се живее во карантин тие тоа го знаат и чувствуваат со децении. Си легнуваат кога ќе се стемни бидејќи нема каде да одат, нема што да прават, не функционира буквално ништо. Не им треба полициски час, за да се седат дома. А не се грижат ниту за забраната да не се групираат по повеќе од 5 мина, затоа што и да сакаат не можат да се соберат повеќе од два-тројца.

 

Денеска Чакрески го посетија и неговите пријатели кои се по потекло од Мариово и често доаѓаат тука. И тие велат дека не се плашат од корона вирусот.

 

„Овде секогаш е карантин, ние сме заборавени од државата, заборавени сме од општината, овде населението се борат сами со животот. Едниствена паника овде ни е дали ќе ни го направат патот и дали ќе имаме вода во лето, за друго ништо овде не се зборува, не се знае“, истакна Воислав Ушкоски, поранешен жител на Мариово.

 

Но ако помладите се похрабри сепак најголем страв од короната вирусот чувствуваат најстарите жители на селото.

 

 

„Како не ни е страв, ова е најстрашен вирус. Не се движиме веќе, не се знаеме, како скарани да сме сега. но што да правиме, тоа е, мора да се пазиш“, вели Петкана Шиклова, жител на с. Витолиште.

 

И да сакаш кај да појдиш, нема. 3-4 жени сме, ама слабо си одиме. Сега па и дека вака слушаме, ако сме стари, животот мил, пак ни е страв“, додаде Јова Врцоска, жител на с. Витолиште.

 

Сепак Мариовци се надеват дека оваа ситуација со Ковид 19 кога ќе заврши можеби конечно ќе ги освести државата да им помогне и инвестира во овој крај.

 

„Се надевам дека ќе направи некоја промена во менталниот склоп на институциите, на државата воопшто и дека ќе помислат дека овде живеат луѓе. Има луѓе кои тука прават надчовечки напори да остварат нешто, да изградат, па кој ги следи нив? Отпишани, карантин, е токму тоа е карантин“, Тренчо Димитриоски, писател и истражувач.

 

Да се надеваме дека државата ќе ги слушне овие апели и дека по завршувањето на оваа криза конечно ќе направи нешто за овој крај.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи