37 годишниот кочанчанец Благојче Дончев пред два дена преживеал вистински стрес и шок, откако од болницата му кажале дека неговата мајка починала, по што тој почнал со организација за погреб.
Се јавил на блиските роднини и погребен оператор, од каде закажале во црква и испечатиле некролози, но кога тој заедно со операторот дошол да го земе телото, открил дека мајка му е жива и лежи на Интерното одделение.
Неговата 58-годишна мајка има прележано два мозочни удари и откако повторно и се слошило пред два дена со Брза помош била однесена во кочанската болница.
Од кочанската болница велат дека знаат за случајот и по нивната интерна истрага повикана е полицијата, која започнала своја истрага за да утврди кој му се јавил на Дончев и му го превртел животот наопаку.
Дончев, кој поради корона вирусот не е во можност да ја посети својата мајка, очекува одговорност и казни за оние кои му ја пренеле лажната вест и предизвикале непотребен шок.