ВИДЕО – Ковид 19 и стравот ги затворија дома и жителите од прилепските села – насекаде се почитува полицискиот час

Полицискиот час се почитува во сите прилепски села. Празни ниви и улици, затворени продавници, паркирана механизација. Се е пусто. Се излегува само ако се има некоја неодложна работа во земјоделието. Едно од селата кои ги посетивме беше и селото Славеј во Општина Кривогаштани. Тука луѓето не ги напуштаат ниту своите дворови. Корона вирусот ги исплашил дури и најхрабрите.

 

 

Дали има социјални дружења како претходно ?

 

„Нема не, луѓето сега се плашат еден од друг, не знаат кој со кого комуницирал. Има страв и тоа голем страв. Дури и кај своиите роднини луѓето не одат“, рече Љубомир Георгиевски, жител на с. Славеј.

 

„Жива душа нема никаде, жива душа не може да се види. Нема дружења како порано. Јас не се плашам од вирусот, со ракија и вино нема страв од ништо“, рече Горјан Костоски, жител на с. Славеј.

 

Исто беше и во селото Сенокос во Општина Долнени. Тука единственото кратко дружење е во  8 часот наутро кога сите жителите на селото ги носат кравите на пасење.

 

„Нормално дека се плашиме, ама тоа што се мора, се мора. Мора да се изнесе стоката на пасење“, кажа Лазо Ристески, жител на с. Сенокос.

 

„Еве 2 недели немаме појдено во градот да си ги извадиме пензиите. Дома си работиме, по бавчите, но дружење нема. Појди во продавница земи леб, врати се назад и тоа е“, додаде Славе Мајстороски, жител на с. Сенокос.

 

Дури и оние кои се прават храбри и велат дека не се плашат, сепак и тие не се дружат со соседите. Си седат дома.

 

„Не се плашам од вирусот. Ако дојди денот тоа е, нема што да се плашиме“, рече Жарко Илиоски, жител на с. Сенокос.

 

Се дружите помеѓу себе, нема проблем ?

 

„По малку се оддалечуваме еден од друг еве вака“, додаде Илиоски.

 

„Не се плашам“, вели Киро Ангелески, жител на с. Сенокос

 

Се дружите помеѓу себе?

 

„Со жената и децата дома“, додава Ангелески.

 

А со соседите ?

 

„Не, никаде не одам“, вели Ангелески.

 

Инаку движењето за земјоделците им е дозволено за извршување на нивните работи. За земјоделците од Прилеп ако се движат на територијата на градот не им треба посебна дозвола, а тие кои излегуваата надвор од Прилеп, а не успеале да извадат дозвола, доволно е само да го најават своето движење во полиција.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи