Министерството за Информатичко oпштество и aдминистрација, како и Министерството за здравство, денеска официјално ја презентираа апликацијата „StopKorona!“.
Апликацијата функционира на основа на Bluetooth конекција врз основа на која се детектираат други корисници на апликацијата кои се во близина едни со други. Оваа информација се чува на самиот уред, поради заштита на приватноста, а наместо официјални информации како телефонски број, се генерираат анонимни кодови.
Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, апликацијата дава брз одговор на здравствените експерти со кои лица бил заразениот во близина во последните 14 дена, помага да се информираат потенцијално инфицираните лица, за да им се дадат насоки за самоизолација, тестирање или лекување, додавајќи дека апликацијата не е задолжителна и гарантира целосна заштита на приватноста
Според министерот за здравство пак, Венко Филипче, апликацијата ќе биде од голема помош за здравствените работници бидејќи ја олеснува нивната работа околу прашалникот што го употребуваат за да се информираат за контактите на евентуално заболените лица.
„Со оваа алатка многу лесно ќе се стигне до сите примарни контакти, дури и за тие за коишто можеби заболените во тој момент не се свесни“, рече Филипче.
Оваа апликација беше пуштена во текот на вчерашниот ден и како што беше истакнато на прес конференцијата, таа е веќе симната повеќе од 5.000 пати.