ВИДЕО – Бектеш : Мојата визија е бурекот да го направам најпрепознатливиот македонски бренд во Австралија

ИЗВОР СИТЕЛ

Прилепчанецот Драган Бектеш деновиве имавме можност да го видиме во едно доста интересно видео како прави бурек во главниот град на Австралија, Канбера. Како што можевме да забележиме изработката на бурекот во неговите раце наликува на вистинска уметност. Видеото го сними еден друг прилепчанец кој исто така живее во Австралија Христијан Конески. За тоа колку овој специјалитет се конзумира и бара во Австралија и како се изработува поразговаравме лично со Драган.

 

 

Драган како што можевме да видиме, во првиот дел на видеото за производството на бурекот, кажуваш дека со изработката на овој не само македонски туку и балкански специјалитет, си започнал на свои 16 години. Како точно почна таа приказна околу бурекот и неговата поврзаност со тебе, што најмногу те привлече во изработката на овој специјалитет ?

 

Тоа е долга приказна која започна кога бев дете. Можам да кажам дека поголемиот дел од детството јас го поминав во пекарата на мојот татко, каде секој ен бев во контакт со производството на бурек, гевреци, кифли, кроасани и други наши традиционални пекарски производи. Таа љубов за изработката на бурекот настана природно бидејќии постојано без опружен со истата. Бурекот има еден интересен начин на производство, кој што е прилично интересен пред се за гледање и секогаш за мене тоа беше еден голем предизвик да го научам тоа и да бидам рамо до рамо со бурек мајсторите.

 

Колку време живееш во Австралија ?

 

Во Австралија сме околу 1,5 години, а во Канбера околу 1 година. Моментално студирам и работам.

 

Во еден друг дел од видеото објаснуваш дека има 3 процеси при изработката на бурекот. Можеш ли подетално да ни ги објасниш и како точно се изработува овој уникатен специјалитет ?

 

Има 3 дела во изработката на бурекот и сите 3 дела се еднакво важни. За да се добие уникатниот вкус, уникатната структура на бурекот, потребно е добро да се совладаат сите процеси. Се започнува со месење на тестото, а многу е важно да се има осет околу неговата подготовка. Бидејќи секој ден е различен, некогаш е поголема влажноста на воздухот, некогаш температурата и затоа е потребна голема пракса и дисциплина во овој дел на изработката на бурекот. Во вториот дел ги оформуваме куглите кои треба да стојат 6 до 8 часа во путер. Во некои делови на Балканот тоа се прави и со свинска маст, но заради здравиот начин на живот тоа се избегнува во последно време.

Како што можевме да забележиме од самото видео, еден од најинтересните делови при правењето на бурекот е она вртење на кора во воздухот. Колку време тебе ти беше потребно да го научиш тој дел од занаетот, да ја вртиш кората, а да не се скини и таа да биде доволно тенка?

 

Третиот дел е најважниот дел и тој дел е тој дел кој што одзема најмногу време се додека не се стане бурек мајстор, затоа што првиот и вториот дел како што кажав се многу важни исто како и третиот дел, но првиот и вториот дел со доволно пракса може да се совладаат прилично брзо. Мене ми беше потребно можам да кажам околу една година, но со активно работење. Нема некое конкретно времетраење за тоа колку е потребно да се стане бурек мајстор, но најчесто на сите професионалци изработката на бурекот им одзема од 8 до 15 месеци.

 

Она што можеби сите ги интересира, каков бурек најмногу сакаат Австралијанците, направен со што?

 

Исто како и кај нас, бурек со сирење, сирење и спанаќ, месо, некогаш постарите баби знаат да нарачаат бурек со вишни или бурек со јаболка и цимет, што е доста добар и вкусен, но главно се бара нашата традиционална тепсија бурек и мазник, со тоа што се трудиме да му доловиме наш македонски бурек, да дадеме една емоционална поврзаност и да ја намалиме носталгијата за Македонија.

 

 

Кој го порачува бурекот и кој го бара најмногу, народите кои потекнуваат од Балканот, а сега живеат во Австралија или пак и другите народи кои ги има во во Австралија?

 

Најчесто можам да кажам дека околу 75% се луѓе од Балканот, но како што луѓето доаѓаат во контакт со бурекот и го учат, затоа што имаме уникатен вкус и стварно е убав и добар, почнуваме да имаме и доста клиенти и купувачи кои се Австралијанци, а тоа и беше нашата цел со Христијан, која се надевам успеавме да ја доловиме преку видеото, да им ја покажеме точно приказната, уникатноста на бурекот, за да можеме да ги добиеме тие клиенти, луѓето што немаат пробано, да можат да го видат процесот и да го пробаат тој продукт.

 

Кога ќе го гледаш видеото навистина добиваш желба да пробаш и да вкусиш бурек, мислам дека навистина сте ја постигнале целта.  Ме интересира кој најинтересен вкус на бурекот си го направил ?

 

Јас имам посебна љубов кон храната и сакам константно да експериментирам со вкусови, па некогаш кога ќе им кажам на моите пријатели еј пробав ова, направив ваков бурек, ми викаат дека не оди тоа со бурек. Нешто најуникатно и нешто што мене многу ми се допаѓа е бурек со моцарела и пеперони, а може да биде и само моцарела. И бурек лазања, ги ставаме истите состојки што ги има во лазањата, но наместо да ги имаме тие кори кои се специјални за лазања, јас ги искористив корите од бурекот, така да вкусот на путерот му дава еден посебен уникатен вкус, но има задржано да има убав вкус на лазања.

 

Како што дознав, планираш за брзо време да отвориш и своја бурекџилница во Австралија, но мала пречка настана со оваа светска криза со коронавирусот.

 

Да, точно така, веќе бевме во преговори уште пред неколку месеци за да се оствари тоа, да земеме еден мал објект каде ќе направиме една убава пекара, или поточно тука го викаат кафетерија, или мал ресторан за доручек, со тоа што најголем процент на продукти ќе биде токму бурекот. Исто така ќе имаме од тие наши македонски традиционални јадења, како и слатки. Моментално работиме со достава, но се надеваме според најавата од австралијанската влада дека ова нешто брзо ќе заврши, барем тука, за месец до два и ќе можеме официјално да ја отвориме продавницата, поточно пекарата да почне да функционира во нормални услови.

 

Драган уште еднаш благодарам за разговорот што го водевме и се надевам дека за брзо време ќе помине оваа криза и ти ќе можеш да ја реализираш својата идеја и дека вкусот на бурекот ќе може да стигне до што е можно поголем број на граѓани кои што живеат во Австралија.

 

Ви благодарам, беше чест да бидам гостин во вашата емисија и се надевам дека ќе ја оправдам нашата култура и традиција, и нашата уникатна храна да стигне до сите Австралија во најлош случај, во најдобар случај мојата идеја е бурекот да биде препознатлив особено за Македонија, но и пошироко за балканските народи, како што Јапонците го имаат сушито, Грците го имаат гирото, така мислам дека бурекот треба да биде препознатлив за нас.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи