На Прилеп му се заканува недостиг од леб за време на Велигден и за време на најдолгиот полициски час во земјава кој ќе трае од петок до вторник. Најголемиот производител на леб и бели пецива, фирмата „Жито Прилеп“, во сопственост на американскиот бизнисмен со македонско потекло Џорџ Атанасоски од денеска е во штрајк и го прекина производството. Вработените велат дека немаат земено плата 2 месеци и дека немало ниту најава кога и дали воопшто ќе добијат. Им се извинуваат на граѓаните ако останат без леб, но велат дека немаат друг излез. Без исплатена плата немало да работат. Очекувале да произведат околу 35.000 парчиња леб за овој викенд.
„Сношти добивме некоја информација дека рекол, ако сака некој да работи нека работи, ако сака некој да не работи да си оди дома и толку, за плата ама баш ни збор нема кажано. Ако минатиот беше некаде околу 25.000, сега сигурно ќе биде некаде околу 35.000 парчиња леб кои треба да се произведат во градот. Најверојатно приватните производители не може тоа да го надокнадат за така краток период, градот најверојатно ќе остани без леб“, истакна Лазо Ристески, вработен во Жито Прилеп.
Во „Жито Прилеп“ се вработени околу 100 мина, кои се пожалија дека сите земале минималец од 14.500 денари, а сега останале и без тие пари.
„Од чистачот до раководителите сите сме на 14.500 денари, што не е во ред. Тоа не засега, не засега К-15, еве уназад 4-5 години не ни дава. Проблем е патарина и хранарина, патарина ни дава само за ноќна смена, за денска смена не следувало. Празник се наближува, а ние останавме без пари, сметки не можеме да платиме, 80% со кредити се луѓето“, рече Марјан Димоски, вработен во „Жито Прилеп“.
Се обработивме до Елизабета Мојсоска, неизвршен члeн на Одборот на директори, која истакна дека таа нема никаква дозвола да дава изјава за медимумите. Тоа досега го правел само генералниот извршен директор Николас Атанасоски, син на Џорџ Атанасоски, кој веќе подог период е во САД. Доколку денеска сопствениците излезат со свој став околу ова ситуација и обвинувањата на вработените, бевме известени дека медиумите ќе биделе информирани.